Утехата со храна не е само навика; таа е симптом на подлабоки проблеми. Кога пицата не е само пица, туку помагало што на кратки стази ни помага да го истуркаме денот, но на долг рок носи дополнителни проблеми?
Емоционалното прејадување е начин за справување со непријатните емоции и важно е да се разбере дека тоа не е исто што и физичкa глад. Таквата склоност може да го попречи нашето секојдневно функционирање, да доведе до дебелина и, поради постојаното чувство на вина и срам, да влијае на нашето ментално здравје.
Бројни јавни личности, како што се Елтон Џон, Деми Ловато, па дури и британскиот принц Хари, јавно сведочеа за справувањето со овој проблем, чиј главен симптом е прекумерниот внес на калории и консумирањето храна што колоквијално ја нарекуваме „храна за утеха“.
Ова се намирници кои нè прават да се чувствуваме емоционално постабилни, поутешени и „заштитени“. Често се поврзува со позитивни спомени и емоции; како пицата што ја уживавме со пријателите или колачите што ни ги печеше мајка ни во мирните неделни попладниња.
И затоа лицето кое емоционално се прејадува посегнува по храна во моменти кога е вознемирено или во животни фази во кои доживува некоја траума; како што се развод, отказ или губење на близок. Тој се чувствува виновен или дури и засрамен за сè. Зависноста од брза храна и желбата за одредени видови храна, заедно со несаканото зголемување на телесната тежина, исто така, може да укажуваат на проблем.
Кои чувства предизвикуваат емоционално прејадување?
Иако луѓето можат да доживеат широк спектар на чувства, емоционалното прејадување најчесто произлегува од вознемиреност, лутина, тага, па дури и досада. Сепак, не е клучно само да станеме свесни зошто јадеме кога сме вознемирени, туку и што јадеме.
Имено, одредени видови храна можат дополнително да го влошат проблемот, а оние богати со рафинирани шеќери и масти кои можат да предизвикаат зависност се особено проблематични. Како дрога, таквата храна ја менува хемијата на човечкиот мозок и го поттикнува да бара сè повеќе и повеќе.
Како да се спречи емоционалното прејадување?
Постојат чекори што можете да ги преземете за да го прекинете маѓепсаниот круг на прејадување. За почеток, станете свесни за причината за стресот, бидејќи тој е предизвикувач кој не само што предизвикува несакани негативни емоции, туку може да ја попречи свесноста за сигналите за глад и ситост.
Експертите препорачуваат усвојување на внимателен пристап кон јадењето и стратегија на обрнување внимание на тоа дали сте гладни и кога станувате сити. Советуваат да јадете бавно, да земате мали залаци и да уживате во секој од нив, како и да водите дневник за храна за активно да размислувате за тоа што јадете. Дополнително, вежбањето и практикувањето разни техники за намалување на стресот се најдобриот начин за борба против негативните емоции и депресијата што водат до овој проблем.
Со оглед на зависноста што ја создаваат, храната богата со шеќер и масти треба да се отстрани од менито и од кујната што е можно поскоро. Од друга страна, препорачливо е секогаш да имате измиен и исечкан зеленчук во фрижидерот за да го претворите емоционалното јадење во квалитетна храна без вишок калории. И секако, стручната помош никогаш не е на одмет.