Седум црни маслинки на ден е подобро од лажица маслиново масло

Фото: Pexels
46

Оваа количина на црни маслинки обезбедува корисни масти и антиоксиданти слично како и една лажица маслиново масло, но со дополнителни здравствени придобивки.

Црните маслинки често се сметаат за практичен прилог со сирење и месо, но научните истражувања ги потврдија нивните бројни здравствени придобивки, особено за жените кои минуваат низ хормонални промени.

Нутриционистка од Анти-ејџинг институтот со седиште во Мадрид, Јарасет дел Кастиљо (Jaraset del Kastiljo), објаснува дека црните маслинки не се само солен додаток во исхраната – тие содржат многу корисни супстанции како што се олеинска киселина, витамин Е, растителни влакна и железо.

Сепак, најважни се фенолните соединенија, како што се олеуропеинот и хидрокситирозолот, кои имаат силни антиинфламаторни и антиоксидантни својства.
Црните маслинки можат да бидат особено корисни за жени во перименопауза и менопауза.

Нутриционистката истакнува дека исхраната богата со антиоксиданти може да ги ублажи бројните симптоми на овие животни фази и да помогне во спречувањето на разни здравствени проблеми.

Препорачливо е да се консумираат седум црни маслинки дневно, што е сосема доволно за позитивен ефект врз организмот. Оваа количина обезбедува корисни масти и антиоксиданти во количина слична на една лажица маслиново масло, но со дополнителни здравствени придобивки.

Исто така, црните маслинки содржат повеќе железо од зелените, што ги прави идеални за луѓе кои страдаат од хроничен замор или анемија.

Високата концентрација на хидрокситирозол и витамин Е помага во заштитата на клетките од оксидативно оштетување. Дополнително, соединенијата од кожичката од маслинките можат да го намалат ризикот од развој на полипи во цревата, со што придонесуваат за превенција од колоректален карцином.

Олеинската киселина, присутна во маслинките, помага во одржувањето на нормално ниво на холестерол.