Кога здравата исхрана ќе стане опсесија: Орторексија или преокупација со чиста, здрава и правилна храна

Фото: Freepik
26

Орторексијата не се појавува преку ноќ. Започнува незабележливо: исклучување на шеќер, избегнување на преработена храна, потоа млеко, глутен, јаглехидрати, масло, сол… Наскоро станува тешко да се јаде нешто надвор од сопствената кујна, а она што некогаш била грижа за здравјето станува стрес, изолација и вина.


Помеѓу трендовските диети, протеинизацијата на речиси сè и новата технологија што ги следи сите видови на биометриски податоци, лесно е да подлегнете на опсесијата со здравјето.

Плус, со сите информации на интернет и на социјалните медиуми, може да биде тешко да знаете што ви треба, а што не ви треба кога станува збор за вашето здравје, особено за исхраната. Постојат видеа на сите социјални мрежи во кои луѓето нарекуваат одредени видови храна како „лоша“ или што содржи „лажни состојки“, што само ја поттикнува општествената опсесија со „здравата исхрана“.

Иако нема ништо лошо во јадењето здрава храна – тоа е одличен начин да ја подобрите вашата благосостојба – постои граница што здравата исхрана може да ја премине. Преголемото фокусирање на тоа може да се претвори во нешто што е познато како орторексија, состојба што станува сè почеста во општеството, а некои истражувања велат дека тоа е во голема мера поради притисокот од социјалните медиуми.

Орторексијата нема да ја најдете во DSM-5, што е официјален прирачник за дијагнози за ментално здравје, но двајца диететичари изјавиле за HuffPost дека очекуваат таа на крајот да стане официјална дијагноза.

Здравата исхрана денес е речиси статусен симбол. Инстаграм рецепти без глутен, Тик-Ток совети за „токсични“ намирници и бескрајни листи со тоа што не треба да се јаде – сето ова создава впечаток дека секој што не внимава на секоја трошка не се грижи за своето здравје. Но, експертите предупредуваат: зад тој нов идеал често се крие опасна крајност – орторексија, опсесивната потреба да се јаде „чисто“, „здраво“ и „правилно“.

Иако сè уште не е официјално призната како дијагноза, орторексијата е сè почеста во праксата – особено помеѓу младите и жените кои следат велнес содржини. За разлика од анорексијата, целта овде не е слабеење, туку контрола и морална чистота преку храната.

Луѓето престануваат да јадат одредена храна, одбиваат да излегуваат со пријателите поради храната, развиваат анксиозност околу секоја етикета. Во еден момент, сè станува табу, објаснува нутриционистката Бет Огист за HuffPost.

Звучи познато?
Орторексијата не се појавува преку ноќ. Започнува незабележливо: исклучување на шеќер, избегнување на преработена храна, потоа млеко, глутен, јаглехидрати, масло, сол… Наскоро станува тешко да се јаде нешто надвор од сопствената кујна, а она што некогаш била грижа за здравјето станува стрес, изолација и вина.

Симптоми што ги препознаваат експертите:

екстремни правила во исхраната (дозволена е само „чиста“ храна),

чувство на анксиозност кога контрола не е можна (на пр. во ресторани),

опсесија со состојки, етикети и „чистота“ на храната,

избегнување на социјални настани поради храна,

чувство на морална надмоќ или вина во зависност од изборот на храна.

Орторексијата не е само прашање на храна. Станува дел од вашиот идентитет – кои сте, како се гледате себеси и колку „вредите“, додава нутриционистката.

Виновник?
На Тик-Ток, под #cleaneating и #guthealth, ќе најдете милиони видеа што промовираат строги режими на исхрана. Исхраната се претвора во идеологија. Сè се сведува на „добро“ и „лошо“, „чисто“ и „токсично“.

Проблем? Луѓето не знаат каде е границата – а кога станува збор за здравјето, опсесијата често доаѓа маскирана како грижа.

Експертите предупредуваат: орторексијата повеќе не е реткост, туку симптом на култура во која здравјето станува натпреварување.

Здравото не е совршено

Грижата за вашата исхрана е корисна. Но здравјето не подразбира ригидност, вина и изолација. Ако грижата за храната ви одзема повеќе отколку што ви дава – можеби не станува збор за здравје, туку за контрола.