Најлесниот колач со мали адаптации за подобар вкус
Сите го знаеме овој стар добар овошен колач, но ако веќе ви здосади, внесете некои мали измени кои ќе го направат уште повкусен, посвеж и посочен
Во нашиот колач со вишни, нема само вишни, туку има и боровинки и аронија, нема само бело брашно, туку има и пченкарно и одозгора не е поросен само со шеќер во прав, туку е претходно премачкан со грчки јогурт.
Еве што ви треба:
4 јајца
50 г шеќер (кој сака може да си стави и повеќе, ама вишните, аронијата и боровинките, покрај киселоста, имаат и сладост)
1 шолја пченкарно брашно
1 шолја бело брашно
пола прашок за пециво
1 ванилин шеќер
1 шолја јогурт
70 г растопен путер
500 г овошје: вишни, боровинки, аронија (може и кое било овошје по ваша желба или само едно од нив)
ќе ви треба и малку гриз ако го правите колачот со замрзнато овошје. За да не го чекате целосно да се одмрзне, поросете го со гриз
за премачкување: 1-2 лажици грчки јогурт
за поросување: 1 лажица шеќер во прав

Приготвување:
Одвојте ги жолчките од белките и изматете ги со шеќерот. Додавајте полека од растопениот и оладен путер, јогурт, брашно со прашок за пециво и ванилин шеќер.
Белките кои ќе ги изматите посебно во цврст шлаг, помешајте ги полека со лажица во смесата со жолчките и истурете ја смесата во тавче покриено со хартија за печење или премачкано со путер и побрашнето.
Одозгора распоредете го овошјето и благо потиснете го во тестото.
Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 до 40 минути.
Кога малку ќе се излади премачкајте го со грчки јогурт или павлака и поросете малку шеќер во прав.