Останете стабилни додека трагате по заробениот дух во шише вино! Винска револуција на високa (или ниска) штикла

Фото: Unsplash
309

Ако по третата чаша вино не можете да ја гарантирате својата стабилност и безбедност качени на потпетици од 10-12 сантиметри, баталете ја елеганцијата на висока пета, останете гламурозни и стабилни во своите балетанки, порачуваат духовито организаторите на винскиот летен салон познат како „Вино на штикли“

Ако некогаш сте се прашале што добивате кога ќе ја споите сензуалноста на чаша вино со звукот на штиклите кои одѕвонуваат додека чекорите – епа, добивате „Вино на штикли“, летниот салон за вино што се одржува утре (19 јуни) во Ragusa Rooftop.

Организаторот на овој седми по ред летен вински салон во Скопје, Дејан Донев, информира дека и годинава таму не очекуваат најдобрите вина, над 200 етикети од 25 винарии и дека овој настан кој се одржува традиционално, во јуни, ќе биде повторно вистинското место кадешто ќе можете да го најдете своето ново омилено вино и да слушнете уште некоја нова интересна винска приказна.

Од старите познаници од винариите Наумчеви, Захарчев, Дане Хермес, Ерос, Пешков, Монтеко, до Лазар, Венец, Парагон, Милев, Друм, Винарија Илиевски, Виника и други помали и поголеми домашни винарии, Камник, Имако, Стоби, Далвина, Винарија Охрид, Винум, ќе стасаат првокласни вина, а ќе бидат такви и тие од странство, вината на Фантинел, па Подрум Певац, Козловиќ, како и оние кои за првпат доаѓаат во Македонија и кои со нетрпение очекуваме да ги пробаме, вината од српската винарија 100 Жени и други домашни и странски етикети.

Мора ли на штикли?

Но, како и секој настан на добар глас, и овој се соочи со забелешки од оние љубители на вино кои сметаат дека има сексистички наслов и дека носи таква порака.

Токму како одговор на овие забелешки, организаторот Дејан Донев порачува дека овој настан не бара задолжително да се качите на високи штикли и дека секој може да дојде во оние обувки во кои се чувствува најпријатно, но задолжителна е љубопитноста за испробување на различни вински етикети и одличен апетит за дружење.

„Ова е настан за сите што умеат да се движат грациозно – дури и откако ќе испробаат голем дел од винската листа. За оние што не се спрепнуваат и не паѓаат по петтата чаша. За оние што штиклите ги носат со став и леснотија, а виното го пијат со усул и со разбирање.

И секако, ако по третата чаша вино не можете да ја гарантирате својата стабилност и безбедност качени на штикли од 10-12 сантиметри, баталете ја елеганцијата на висока пета, останете гламурозни и стабилни во своите балетанки“, порачува духовито организаторот на винскиот летен салон познат како „Вино на штикли“.

Како и да е, за љубителите на убава летна атмосфера, вина со карактер и настани со душа – 19 јуни е одличен ден.

„Жене су стварност, жене су бајке, жене су жене, жене су мајке, жене су женствене“…

Годинава, како изненадување на настанот, стигнува вистинска винска сензација од Србија: винаријата „100 Жени“. Не се сто на број, ама се жени винољупци, со одлична смисла за бизнис, женска организација и смисла за хумор. Некако одлично се сложуваат со стихот на онаа стара добра од „Булдожер“: „Жене су стварност, жене су бајке, жене су жене, жене су мајке, жене су женствене“…

Само меѓу вината од винарија „100 Жени“ ќе може да најдете вина со имиња како „Млад момак“ и „Велики дечко“ и да се запрашате, дали сте на вински настан или сте заталкале на Тиндер.

Но, шега настрана, навистина едвај чекаме да ги испробаме.

Вино, штикли, танго, џентлмени… и избор за најдобра фотка!

Освен што ќе пиете добро вино и ќе се чувствувате како да сте влегле во филм на Алмодовар (полн со бои и жени со став), ќе имате можност да се разиграте со танго танчерите и да победите на натпреварот за најдобрите штикли кои ќе заиграат на подиумот и да добиете вредни награди од портфолиото на Контимпекс Козметик и Матос Козметикс. Тоа ќе бидат некои од најелегантните и најпрестижни светски брендови како Carolina Herrera, Narciso Rodriguez, Dr.Vranjes и Artdeco.

И секако, иако името на настанот може да ве наведе да помислите дека станува збор за случување наменето исклучиво за жени, редовните посетители на салонот добро знаат дека се сите подеднакво добредојдени, особено, вистинските џентлмени. Најдобрите од нив исто така ќе добијат соодветна награда. Да, да, нема награда само за најдобрите штикли, туку ќе има и за најдобрите џентлмени.🚬

Дел од ова издание на летниот вински салон ќе бидат и реномирани брендови на пури и додатоци од Farel Cigar, бидејќи, како што велат организаторите, винската култура и културата на пури отсекогаш биле дел од истата приказна. А таму кадешто се среќаваат доброто вино и врвната пура, таму се раѓаат разговори што траат, пријателства што се градат и џентлмени што не само што знаат каде им е, туку знаат и каде не им е местото.

И секако, ќе уживате во џез на македонски начин. Ако сакате, можете да се натпреварувате и за најдобра фотографија на тема „вино и штикли“. За жал, пријавувањето за овој натпревар трае уште денес (18 јуни).

И да, ќе има и вкусни и елегантни мали залчиња

На настанот на отворено, ќе има и гастро катче со внимателно одбрани залчиња за секое вино – од оние што ве тераат да велите „МММММ!“

Штикли – по избор. Вино – задолжително.

„Вино на штикли“ не е само настан, туку ритуал. Секој јуни, винската култура во Македонија се качува неколку сантиметри погоре – метафорично, а кај некои и буквално. А таму на покривот, со градот под вас, чашата во рака и добрата енергија наоколу, сфаќате дека животот знае да биде убав.

Затоа – дотерајте се, оставете ги грижите дома и одете. Ако не заради вината, тогаш барем заради љубопитноста што ќе ја разбуди секоја голтка.
А ако ве праша некој зошто сте дошле – само кажете:
„Дојдов заради духот, слушам бил заробен во шише, се обидувам да најдам во кое.“

Околу 25 винарии од Македонија и странство ќе ги понудат своите најдобри етикети и ќе ги отворат своите шишиња само за вас. Доволно за да го пронајдете своето ново омилено вино, но и да слушнете нова винска приказна што ќе ја раскажувате цело лето, најавува Донев.