Додека стигне до масата, лубеницата може да биде контаминирана со разни процеси кои му погодуваат на развојот на опасни бактерии. Единствената ефикасна мерка што можете да ја преземете за да го намалите ризикот од труење со храна е да ја измиете лубеницата пред да почнете да ја сечете. Истото важи и за дињата.
Лубеницата е овошје кое е синоним за лето: слатко, сочно и со светла боја, го крева расположението на секој пикник, скара или коктел забава. Сепак, за да се заштитите себеси и вашето семејство, како и вашите гости, од не толку пријатните последици од летната забава со ова освежително овошје – труење со храна, не прескокнувајте клучен чекор пред да ја исечете лубеницата на парчиња.
Обавезно измијте ја лубеницата пред да ја исечете! – предупредува д-р Дарин Детвилер, експерт за безбедност на храната и професор на Универзитетот Northeastern. Иако нешто вакво веројатно никогаш не ви паднало на памет, бидејќи дури и не ја јадете кората, кога ќе размислите за тоа, овој совет има многу смисла.
Кој сѐ ја допирал таа лубеница?
За разлика од бобинките, лубениците растат на земја, што ги изложува на сите видови загадувачи: прашина, нечистотија, валкана вода, несоодветен компост и така натаму. Откако ќе се соберат, тие можат да соберат уште повеќе загадувачи за време на складирањето, ракувањето и транспортот додека патуваат од нивата до продавницата, а потоа од продавницата до вашиот кујнски пулт. Додека ја купите вашата лубеница, откако внимателно ќе ја искуцкате за да се уверите дека е совршено слатка и сочна, неа ја допреле повеќе од десетина луѓе, од кои некои можеби имаат домашни миленици, можеби си ги чепкале носевите или отишле во тоалет претходно, сето тоа без да ги измијат рацете.
„Немате поим каде им биле рацете или што допреле пред да ја допрат лубеницата во која вие се спремате да уживате“, истакнува д-р Детвилер.
Салмонела, листерија, E. coli…
Потоа, кога ќе земете нож за да ја исечете, сечилото може да ги пренесе сите тие непријатни бактерии директно од кората до сочната пулпа внатре, а сите тие бактерии завршуваат во вашиот дигестивен тракт, вели д-р Детвилер.
Од салмонела до листерија до E. coli, овие бактерии можат сериозно да ве разболат. А ако се разболите, веројатно ќе имате класични симптоми на труење со храна како гадење, повраќање и дијареја, кои обично се појавуваат во рок од неколку часа до неколку дена по јадењето и траат приближно исто толку време. А поминувањето летни денови покрај WC школка сигурно не е нешто што го сакате на вашиот летен одмор.
Се јаде сирова
Според д-р Детвилер, начинот на кој обично ја подготвуваме лубеницата за сервирање и консумирање има и некои санитарни недостатоци.
За разлика од, да речеме, пченката, лубеницата се јаде сирова, па затоа потенцијалните патогени нема да бидат уништени со готвење или печење. Затоа, единствената ефикасна мерка што можете да ја преземете за да го намалите ризикот од труење со храна е да ја измиете лубеницата пред да почнете да ја сечете. Ова ќе ги отстрани потенцијалните загадувачи од кората пред да имаат шанса да стигнат до внатрешноста, односно до пулпата што ќе уживате јадејќи ја – советува д-р Детвилер.
Бидете уште повнимателни со дињата!
Имајте предвид дека овој совет не важи исклучиво за лубеницата.
Треба да преземете иста мерка кога консумирате диња. Всушност, бидете особено внимателни со дињата, со оглед на тоа што грубиот дел од нејзината кора е многу погоден за задржување на бактериите (за разлика од мазната кора на лубеницата), а треба да се измие уште потемелно пред консумирање – нагласува д-р Детвилер.
Тој исто така забележува дека, откако ќе ја измиете и исечете лубеницата или дињата, најдобро е веднаш да ја изедете или да ја ставите во фрижидер во рок од два часа, или дури и порано ако температурите на воздухот се високи. Ова ќе спречи овошјето да влезе во температурната „опасна зона“ помеѓу 5 и 60 °C, каде што бактериите се размножуваат многу брзо.
Чувајте ја исечената лубеница во сад за салата во фрижидер или на температура под 4 °C и изедете ја во рок од три до четири дена за да го ограничите растот на нови бактерии. Со овие совети, ќе можете без страв да уживате во парчиња или коцки лубеница и диња и да го поминете слободното време на позабавен и попријатен начин, наместо да повраќате.