Храна што може да трае вечно: Кои намирници имаат најдолг рок на траење?

Фото: Pexels
627

Шампион на долговечноста е медот, кој никогаш нема да се расипе ако се чува правилно. Во ова се увериле и археолозите во Египет кои во гробниците нашле мед стар околу три илјади години…

Ако се затвори цврсто и се чува на место подалеку од сончева светлина и влажност, некои од намирниците што ги користиме секојдневно можат да траат со години, а некои од нив дури и засекогаш.

Шампион на долговечноста е медот, кој никогаш нема да се расипе ако се чува правилно. Во ова се увериле и археолозите во Египет кои во гробниците нашле мед стар околу три илјади години. Откако го отвориле и го испитале, заклучиле дека е сè уште вкусен.

Бидејќи содржи мали количини вода, шансите бактериите и микроорганизмите да преживеат во медот се исклучително мали. Ако го користите медот како засладувач, можете да го користите неограничено, но ако сакате да ги искористите сите негови здравствени придобивки, сепак треба малку да побрзате.

Имено, медот е природен биокатализатор, што значи дека му помага на телото подобро да ги искористи хранливите материи или лековитите супстанции од храната, лековите или препаратите, но под еден услов: мора да се консумира во рок од две години од датумот на центрифугирање (врцање, вртење) на медот.

Во споредба со медот, шеќерот е нездрав, но без оглед на тоа дали е светол или темен, ако се чува правилно, оваа храна може да трае долго време, а истото важи и за солта.

Шеќерот во прав и гранулираниот шеќер најдобро се чуваат во херметички затворени садови за да се спречи контакт со влага. Иако продавниците се обврзани да стават датум на истекување на пакувањето, производителите тврдат дека дури и стврднатиот кафеав шеќер е целосно јадлив.

Долговечна сол

Солта се користи со векови како конзерванс за храна бидејќи ја отстранува влагата, но можеби нема да трае вечно во кујнскиот шкаф. Додавањето јод во кујнската сол го скратува нејзиниот рок на траење, па ако на етикетата пишува дека е јодирана, дајте ѝ пет години пред да ја фрлите.

Освен крем ликери, можете да ги чувате вашите залихи од жестоки пијалаци како вотка или виски колку што сакате. Вкусовите речиси сигурно ќе се променат поради оксидација, но пијалакот ќе биде подеднакво безбеден за вашето здравје.

Грав и ориз

Иако не е вечен, белиот (или полиран) ориз може да ја задржи својата хранлива вредност и вкус до 30 години, под услов да е вакуумски затворен и складиран под 4°C.

Кафеавиот ориз, сепак, не трае толку долго поради природните масла што ги содржи. Сушениот грав може да трае многу подолго, дури и со децении, но тоа не значи дека ќе ви биде од полза. Стариот грав се готви подолго време, а најстариот грав ќе остане тврд и жилав без разлика колку долго го готвите. Ако забележите дека готвите грав што сте го натопиле повеќе од два часа и не омекнува, веројатно е премногу стар.