Го зајакнува срцето, препорачлива е за дијабетичарите: Дињата е добра за здравјето на очите и регулирање на притисокот

Фото: Pexels
54

Не заборавајте на дињите ова лето. Тие се полни со здрави хранливи материи, одлични се за слабеење, но и за видот, за функционирањето на срцето, за регулирање на притисокот, но и за регулирање на нивото на шеќер во крвта

Дињата содржи исклучително малку калории и масти, а нејзиниот плод содржи 95 отсто вода.

Богата е со витамини како што се каротин, витамин Б и витамин Ц, а од минералите содржат фосфор, калциум, магнезиум, калиум, железо, цинк… Затоа летово не ги заборавајте дињите!

За подобар вид и здравје на очите

Како и морковите, дињите ја добиваат својата портокалово-жолта боја благодарение на изобилството на витамин А. Само една чаша сечкани дињи има околу 40 проценти од препорачаната дневна количина на витамин А, што е важно за видот и растот на коските. Покрај тоа, дињата е богата со витамин Ц. Само една чаша од ова сечкано овошје има доволно витамин Ц, речиси колку што ѝ е потребно на една личност за цел ден.

Дињата содржи каротеноиди – антиоксиданти кои помагаат во одржувањето на здравата функција на очите и фолати без кои нема нормален развој на нашите клетки.

Доколку секојдневно консумирате диња, тоа може да влијае на подобрување на вашиот вид.

Витаминот Ц, зеаксантинот и каротеноидите од него го подобруваат видот и го намалуваат ризикот од катаракта и макуларна дегенерација.

Го регулира нивото на шеќер во крвта

Дињата може да помогне во правилното справување со дијабетесот бидејќи има низок гликемичен индекс. Ова подразбира спречување на скокови на шеќерот во крвта, па затоа се препорачува како редовен дел од исхраната на луѓето со дијабетес.

Дињата има и диететски влакна, кои се важни за варењето и против гасови, а содржи и 90 проценти вода, па затоа е клучна летна храна во борбата против дехидрацијата. Бидејќи содржи моќни антиоксиданти – витамин Ц и бета-каротен, таа е многу важна и за здравјето на кожата, вклучително и добивањето здрав тен.

Поздраво срце и подобар крвен притисок

Сите дињи се полни со калиум, кој помага да се релаксираат крвните садови и да се намали крвниот притисок.

Ова е многу важно за време на високи температури бидејќи срцевите пациенти и луѓето со висок притисок се изложени на посебен ризик.

Богатството на витамин Ц има бројни придобивки за нашето здравје, особено во однос на зајакнување на имунитетот, а високото ниво на калиум во дињата е важно за правилно функционирање на срцето.

Дињата содржи три пати повеќе калиум од лубеницата.

Имаме два освежителни рецепти со овие летни плодови

Салата од диња

Состојки: 1/2 чаша јогурт, 1/2 чаша лесен мајонез, 1 лажица сечкан млад кромид, 1 лажица чист сок од лимон, 1/4 лажичка сол, 5 чаши сечкани дињи, 2 ½ чаши варено сечкано пилешко бело месо, 1 краставица со средна големина, исечкана и 1 чаша зелено грозје (преполовени зрна).

Подготовка: Во голем сад, измешајте ги првите 5 состојки, потоа додадете ги дињите, пилешкото, краставиците и грозјето. Нежно измешајте. Ставете ја во фрижидер пред сервирање.

Диња во вкусен кокосов крем

Состојки: 1 мала диња, за кокосов крем (6 листови желатин, 600 мл млеко, 150 г кокос, 70 г шеќер, 20 г згуснувач), 1/2 лажичка кардамон во прав, 2 лажици мед. За декорација – ф’стаци и свежо нане.

Подготовка: Прво направете го кокосовиот крем. Потопете ги листовите желатин. Додадете го кокосот во млекото и ставете да зоврие, потоа додадете го шеќерот и згуснувачот и мешајте додека не се згусне. Исцедете ги листовите желатин, па додадете ги во топлата смеса од кокос. Измешајте сè заедно, па оставете да се олади.

Со мала лажица за сладолед, извадете топчиња од дињата и ставете ги во фрижидер.

Во мал сад, измешајте го изладениот кокосов крем, кардамонот, медот и малку обична вода (или вода од ѓумбир или од роза). Оставете добро да се олади во фрижидер.

При сервирање, прво ставете малку кокосов крем, потоа неколку топчиња диња, па повторно малку крем. Декорирајте сè со ф’стаци и нане.