Дали знаевте дека листовите од смоква имаат нежна арома на кокос? За да се случи магијата, познавачите честопати малку ги потпекуваат листовите во рерна или на тава, а потоа ги варат со шеќер или во млеко – слично како што се прави со листовите чај.
На слаткарите, миксолозите, готвачите – но и на бабите, дедовците и љубителите на традиционалните рецепти воопшто – им се добро познати тајните на листовите од смоква – кои се јадливи и прилично вкусни. Ова не значи дека можете да ги јадете листовите директно од дрвото. Претходно треба да бидат термички обработени.
Откако ќе го направите ова, тие ќе ги ослободат прекрасните нежни ароми на кокос, печени бадеми и ванила. За да се случи магијата, познавачите честопати малку ги потпекуваат листовите во рерна или на тава, а потоа ги варат со шеќер или во млеко – слично како што се прави со листовите чај.
Можете да направите домашен сируп, чај и сок од листовите од смоква, додавајќи лимон за дополнително освежување, или да ги користите миризливите листови за подготовка на десерти. За панакота, пудинзи, сладолед или кремасти десерти, млекото или павлаката се варат заедно со листови од смоква за да им се даде посебен вкус. Инфузиран алкохол како вотка, џин или рум ќе послужат за коктели.
Листовите од смоква се сестрани во употребата и се користат за завиткување на храната за печење на скара или во рерна, бидејќи ја зачувуваат сочноста и додаваат вкус, а исто така ќе послужат и како подлога за варење ориз, зеленчук и други намирници на пареа.
Сирупот од смоквини листови е убав засладувач за утринско кафе или чај. Можете исто така да го прелиете врз неглазирани пандишпан колачи за малку сладост, да го додадете во јогурт и гранола за дополнителна сладост или да го користите наместо основниот сируп во коктели за да додадете посебен, богат вкус.
Сируп од смоквини листови –
Состојки:
6 листови од смокви
480 мл вода
240 мл мед
200 г шеќер
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 175 °C. Наредете ги листовите од смокви на плех за печење во еден слој така што да не се допираат. Ставете го плехот во рерна и печете додека листовите не се исушат, малку да се извиткаат и сè уште да останат зелени, околу 3-5 минути (во зависност од моќноста на рерната и од тоа дали користите вентилатор).
Извадете ги од рерна и оставете ги настрана.
Во тенџере со средна големина, зовријте ги водата, медот и шеќерот на средна температура. Намалете ја температурата на ниско и гответе 5 минути, мешајќи додека шеќерот целосно не се раствори. Тргнете од оган, додадете ги потпечените листови од смоква и промешајте.
Оставете ја смесата да отстои додека не се олади на собна температура (околу 90 минути). Процедете, фрлете ги листовите и истурете го сирупот со вкус на лист од смоква во херметички затворен сад (на пример во стаклена тегла).
Чувајте во фрижидер и употребете во рок од 3 недели.