Значајна студија која сугерираше дека пиењето мали количини јаболков оцет на дневна основа може да им помогне на луѓето да ослабат, е повлечена откако истрагата открила дека содржи повеќе недостатоци.
Резултатите од малото клиничко испитување, објавено минатата година во списанието BMJ Nutrition, Prevention & Health, моментално се цитираат во бројни онлајн статии во кои се фалат многуте здравствени придобивки од јаболков оцет.
Но, студијата брзо привлече критики од надворешни истражувачи, што го натера издавачот на списанието да започне истрага за резултатите.
Студијата има недостатоци и е повлечена
Истражувачите открија статистички недостатоци и не беа во можност да ги реплицираат резултатите од студијата, што доведе до нејзино повлекување, се вели во соопштението на BMJ Group.
BMJ Group е британски издавач на научни списанија што опфаќаат биомедицина, здравство и сродни области. Компанијата е основана во 1840 година и е во сопственост на Британското медицинско здружение.
Авторите на истражувањето спроведено во Либан, во соопштението изјавиле дека грешките биле ненамерни и дека се согласуваат со одлуката за повлекување на студијата.
Роузмери Стентон, австралиска нутриционистка за јавно здравје, која ја критикувала студијата кога беше првично објавена, изјавила за АФП дека е задоволна што конечно е повлечена.
– Треба да имаме здрава доза на скептицизам за нешто што звучи премногу добро за да биде вистина – рекла таа.
Откако Нетфликс во јануари емитуваше серија наречена „Јаболков оцет“ за австралиските инфлуенсери кои се занимаваат со здравје, вообичаената намирница во оставата стана симбол на непроверени здравствени тврдења што се промовираат на социјалните мрежи.
Стентон додала дека многу од наводните здравствени придобивки од консумирањето јаболков оцет не се поткрепени со докази.
Според неа, тврдењата дека јаболковиот оцет е добар извор на хранливи материи како што се калиум, калциум и магнезиум се едноставно неточни.
– Со оглед на тоа што јаболковиот оцет ја оштетува забната глеѓ, препорачувам, ако го користите, секогаш темелно да ја исплакнете устата со вода потоа – советувала Стентон.
Во исто време, таа изразила жалење што сè повеќе луѓе, особено корисниците на социјалните мрежи, повеќе не добиваат совети за исхрана од сертифицирани експерти, туку од неквалификувани инфлуенсери кои често профитираат од промоција и самопромоција или од продажба на производи.