Од коноба со македонски шеф, до џелато од гостиварски мајстор: Еве каде среде Сплит ќе јадете како цар

149

Едно од местата во кои можете да јадете како цар, во срцето на Сплит, поточно, во палатата на царот Диоклецијан, е коноба „Корта“ која освен по првокласната храна, за нас е интересна и привлечна затоа што во неа рамноправен партнер и шеф на кујна е македонскиот шеф Дејан Карапеев. За меракот да е поголем, во рамки на Диоклецијановата палата има уште еден македонски маестро, а тоа е сопственикот на џелатерија Пумпарела во која можете да се заблажите со највкусниот сладолед.

Ако патот ве одведе во Сплит, секако дека едно од местата кои не можете да ги заобиколите е Диоклецијановата палата која е на листата на светското наследство на УНЕСКО. Ова здание, старо повеќе од 1700 години, било изградено од царот Диоклецијан во 3 век од нашата ера. Подоцна околу палатата бил изграден градот Сплит, па денес токму таа е срцето на градот каде што може да се најдат најважните историски градби, какви што во внатрешноста на палатата се црквата „Свети Дује“ и храмот на Јупитер.

Диоклецијановата палата е еден од најдобро зачуваните споменици на римската архитектура во светот и без разлика колку пати ќе ја посетите, никогаш нема да ги откриете сите нејзини приказни.

Обидете се да научите барем една нова секој пат кога ќе одите таму, а потоа седнете си во некој од убавите локали во нејзината внатрешност, сумирајте ги впечатоците и вкусете ја далматинската кујна. Едно од местата во кои можете да јадете како цар, е коноба „Корта“ која освен по првокласната храна, за нас е интересна и привлечна затоа што во неа рамноправен партнер и шеф на кујна е триесетипетгодишниот македонски готвач Дејан Карапеев, кој веќе со години е успешен во кулинарските кругови во Македонија, но и во Далмација.

Тој многупати досега достојно ги одбранил боите на Македонија и на многу меѓународни гастрономски натпревари, а оваа коноба ја води успешно веќе четири години. Интересно е што е таа лоцирана токму над подрумите кадешто беше гнездото на змаевите во популарната и најгледаната серија на сите времиња „Игра на престолите“ („Game of Thrones”). А Дејан не застана тука, туку заедно со својот партнер неодамна отворил и ресторан за готвени јадења, за локалните жители да имаат работа и преку зима.

Имено, во Сплит во лето работат 420 ресторани, а во зима смо дваесетина, па можете да замислите колку е значајно да се има работа во текот на целата година, а не само преку сезона.

Ако мислите дека поради тоа што е Дејан македонски готвач, во коноба „Корта“ може да се проба и македонска храна, се лажете. Ова е рибен ресторан, со автентични далматински јадења, затоа што сепак, оние што доаѓаат во Сплит сакаат да ја пробаат далматинската кујна. А нашиот Карапеев работи во Хрватска од свои 18 години, само на брод готвел 8 години, па има пробано се што доаѓа од морето и од ова поднебје и ја има далматинската кујна во малиот прст и во Далмација му признаваат дека ја знае многу подобро дури и од далматинските готвачи. Сепак, сите знаат дека доаѓа токму од Македонија.

А кога ќе седнете во „Корта“, што и да јадете, ќе јадете како цар. Па дури и ако е тоа нешто едноставно, како омлет со зеленчук и лепче кое тие самите го печат.

За оние кои не знаат, Дејан е познат и по тоа што е првиот наш професионален готвач кој издаде и книга насловена како „Од длабочините на морето“. Книгата е со рецепти од риби и морски плодови, кои низ годините додека работел како шеф на јахтата на „Аборда јахтинг“, имал можност да ги набавува секогаш свежи и да ги приготвува на свој начин, па сето тоа го преточил во оваа книга.

Дејан беше дел и од „Сончева гозба“, една од најгледаните емисии на „Кичен ТВ“, за која има снимено вкупно 60 емисии во кои готви традиционални македонски јадења со локални намирници, секако, и тие приготвени на негов начин.

Во меѓувреме, Дејан остана скромен каков што беше и на почетокот. Делува спокојно, но дури и кога разговара со вас, во главата прави милион планови за дневните активности, но и некои поголеми – за иднината.

А кога после средбата со Дејан и превкусниот појадок, ќе продолжите со прошетката и ќе наидете повторно на успешни луѓе од нашата земја, срцето ќе ви се наполни, а гордоста е неизбежна.

Имено, откако се испоздравивме и продолживме со прошетката низ Диоклецијановата палата, па посакавме да се заблажиме со еден сладолед, наидовме на Висар, симпатично момче од Гостивар, кој не сакаше да слушне да ни го наплати и повторно се уверивме дека кога сме надвор, сите сме она што треба секогаш да бидеме – сограѓани, земјаци или како и да сакате да го наречете тоа што сите живееме во истата држава.

Патем, иако за сладоледот таму треба да платите 2,80 евра за само една топка, односно, за само еден вкус, 5 евра за два и дури 7,50 евра за три вкуса, дури и сега, надвор од летната сезона, се чека во ред. Ние сепак ја имавме привилегијата да го пробаме бесплатно затоа што и покрај нашето инсистирање, Висар со неговата насмевка и решителното „нема шанси да платите, само дојдете ако сакате да работите следната сезона“, ја однесе победата и ја заокружи нашата прошетка со прекрасниот вкус на сладоледите на Пумпарела. Уште еден успешен бренд на наши луѓе надвор од Македонија.