Грчки или обичен: Дали знаете кој јогурт е вистинскиот избор за вас?

Фото: Freepik
76

Сте се запрашале ли некогаш дали, покрај текстурата, постојат некои важни разлики помеѓу грчкиот и обичниот јогурт? Дали еден од нив е поздрав од другиот или е сеедно кој ќе го изберете?

Кога станува збор за храна богата со протеини, не можете да погрешите со јогуртот. Тој е сестран и погоден како ужина, појадок или прилог на главно јадење, но и како состојка во смути или колачи. Покрај протеините, јогуртот содржи и многу важни витамини и минерали, како и пробиотици важни за здравјето на цревата.

Но, покрај текстурата, дали некогаш сте се запрашале дали постојат други важни разлики помеѓу грчкиот и обичниот јогурт? Дали еден од нив е поздрав од другиот или е сеедно кој ќе го изберете?

Слични, но различни

И двата се јогурти, па логично, имаат повеќе сличности отколку разлики. И двата се млечни производи, направени од млеко и живи, активни култури, односно корисни бактерии неопходни за здравјето на цревата. И двата вида се исто така одлични извори на протеини и калциум, кои се важни за здравјето на мускулите и коските. И двата вида содржат и електролит калиум, кој помага во одржувањето на рамнотежата на течностите во телото и го регулира крвниот притисок. И двата вида јогурт имаат и придобивки што одат подалеку од здравјето на мускулите и коските.

– Студиите покажаа дека консумирањето млечни производи може да го поддржи кардиоваскуларното здравје. Исто така, се покажа дека воведувањето јогурт како редовен елемент на здравата исхрана помага во одржувањето на оптималната телесна тежина – вели нутриционистката Ивет Хил, но додаваi дека постојат некои разлики меѓу нив.

На грчкиот јогурт му е отстранет поголемиот дел од течноста, па затоа е погуст и покремаст. Обичниот јогурт не се цеди, па затоа е потенок и има потечна конзистенција. Сепак, цедењето влијае и на содржината на лактоза во јогуртот. Бидејќи лактозата е во сурутката, грчкиот јогурт има помалку лактоза од обичниот јогурт. Сепак, живите култури во двата вида јогурт ја разградуваат лактозата, така што луѓето кои се чувствителни на млечни производи честопати можат полесно да гi сварат двата вида јогурт отколку млекото или сирењето.

– Со само четири грама лактоза по порција (околу 3/4 чаша или една порција од 180 грама), грчкиот јогурт е одлична опција за оние кои треба да го следат внесот на лактоза. Нетолеранцијата на лактоза не значи дека мора целосно да се откажете од млечните производи, бидејќи постојат многу опции кои имаат многу ниска содржина на лактоза, исто како грчкиот јогурт – вели Аманда Сауседа, регистриранa диететичарka специјализиранa за здравје на цревата.

Исто така, вели Хил, иако двата вида јогурт имаат исти хранливи материи, нивните количини се различни.

– Бидејќи грчкиот јогурт се цеди и вишокот течност се отстранува, тој е погуст и има поголема содржина на протеини. Може дури и да има двојно повеќе протеини од обичниот јогурт – објаснува Хил. Сепак, обичниот јогурт е помоќен од грчкиот во неколку други категории.

– Иако грчкиот јогурт има поголема содржина на протеини, обичниот јогурт има малку повеќе калциум, калиум и магнезиум – вели регистрираната диететичарка Ејми Вудман, забележувајќи дека разликите во содржината на минерали може да варираат од бренд до бренд.

Тaa додава дека обичниот јогурт има помалку калории, но дека треба да се запомни дека разликата во калориската вредност е мала и дека поголемата содржина на протеини во грчкиот јогурт обезбедува поголемо чувство на ситост.

Нутритивни профили

Шолја полномасен грчки јогурт содржи:

160 kcal
9 g масти
15 g протеини
5 g јаглехидрати
60 mg натриум
201 mg калциум
260 mg калиум

Шолја полномасен обичен јогурт содржи:

110 kcal
6 g масти
6 g протеини
8 g јаглехидрати
80 mg натриум
220 mg калциум
270 mg калиум

Кој е поздрав?

Со оглед на тоа што се толку слични, одговорот на ова прашање во голема мера зависи од тоа кои придобивки се поважни за вас.

– Грчкиот јогурт, поради неговата поголема содржина на протеини, е корисен избор за луѓе кои сакаат да ја зголемат или одржат мускулната маса. Од друга страна, обичниот јогурт, кој има помалку протеини, може да биде посоодветен за луѓе со заболувања на бубрезите, кои треба да следат посебни упатства за протеини. Текстурата и вкусот се исто така важни. Обичниот јогурт понекогаш може да има посладок или поблаг вкус од грчкиот јогурт, па ако не сте љубител на кисели вкусови или никогаш порано не сте јаделе јогурт, најдобро е прво да започнете со обичен јогурт – вели Сауседа.

Како да изберете

Сите јогурти содржат природни шеќери од млеко, но експертите советуваат секогаш да избирате незасладени, обични јогурти за да избегнете додадени шеќери. Ако сакате посладок вкус, додадете овошје, малку мед или јаворов сируп во вашиот јогурт. Таканаречените „лесни“ сорти помагаат во намалувањето на внесот на калории, но јогуртот од полномасно млеко може да се вклопи и во балансирана исхрана ако обрнете внимание на големината на порцијата и вкупниот дневен внес на калории.