Наместо Озeмпик, берберин, цимет и зелен чај: Може ли природата да ги замени лековите за слабеење?

Фото: Pexels
34

Берберинот (состојка која се добива од различни видови грмушки од родот Berberis), циметот и зелениот чај покажуваат интересен потенцијал – но експертите предупредуваат дека ниеден природен суплемент засега нема сила да го замени Ozempic или другите GLP-1 лекови

Во време кога лековите за слабеење како Озeмпик ја освоија светската јавност, научниците сè повеќе истражуваат дали природата нуди нешто што барем делумно го имитира нивниот ефект. Нови анализи покажуваат дека неколку билки и растителни супстанции – берберин, цимет, зелениот чај и ѓумбирот – можат да влијаат врз истите хормони кои ги активираат модерните медикаменти за слабеење. Но експертите веднаш додаваат: ова не значи дека постои природен „заменик“ за Озeмпик, туку само дека некои природни соединенија имаат интересен потенцијал.

Од сите наброени, најголемо внимание привлекува берберинот – супстанција која се наоѓа во различни видови грмушки од родот Berberis кој е голем, па има стотици видови кои растат во Европа, Азија и Северна Америка.

Еден од видовите, Berberis vulgaris (кисел трн), е природно распростраен и на Балканот.

Берберин, кој се продава како суплемент често доаѓа од мешавина на различни Berberis-видови, а не нужно само од „кисел трн“. Во традиционалната кинеска и ајурведска медицина, растенија од родот Berberis се користеле со векови за подобрување на метаболизмот, регулирање на шеќерот во крвта и зголемување на чувствителноста на инсулин.

Берберинот, според научната литература, влијае врз шеќерот во крвта, го подобрува метаболизмот и ја зголемува чувствителноста на инсулин. Токму затоа многумина го нарекуваат „природен метформин“, иако таквите споредби треба да се сфатат претпазливо.

Истражувањата покажуваат дека берберинот може да го стимулира хормонот GLP-1 – истиот хормон што го засилува и Озeмпик и кој го намалува апетитот и ја зголемува ситоста. Тоа може делумно да објасни зошто некои луѓе кои го користат ова растение известуваат дека полесно контролираат глад. Сепак, научниците предупредуваат дека ефектот е многу поблаг и не може да се спореди со оној на фармацевтските лекови кои се строго контролирани, тестирани и мерени во големи студии.

Освен берберинот, во фокусот се најдоа и циметот и зелениот чај. Циметот содржи соединенија што можат да го стабилизираат шеќерот во крвта и да го поддржат метаболизмот на мастите, додека зелениот чај е богат со антиоксиданти како катехини, за кои е познато дека ја зголемуваат термогенезата – природниот процес на согорување калории. Овие ефекти се нежни, но реални, и кога се комбинираат со здрава исхрана можат да дадат мал, но корисен придонес.

Специјалистите за слабеење велат дека ваквите природни соединенија можат да имаат поддржувачка улога, но не треба да се сфаќаат како „чудотворни“. Еден од лекарите што го коментираше истражувањето нагласи дека природните суплементи „можат да го поддржат метаболизмот, но не можат да го заменат клинички докажаниот ефект на Ozempic“. Со други зборови: добри се, но не се магија.

Интересно е што истражувањето не се базира на една голема клиничка студија, туку на анализа на голем број постојни научни трудови. Тоа значи дека резултатите се насока – но не и конечен доказ. На пример, дел од податоците за берберинот доаѓаат од лаборатории или мали студии со мал број учесници. Затоа научниците бараат поголеми испитувања за да се утврди вистинската сила на овие природни суплементи.

За луѓето кои сакаат да ги испробаат овие природни алтернативи, лекарите имаат едноставен совет: да не се почнува ништо без консултација со стручно лице. Особено тоа важи за луѓе со дијабет, проблеми со притисок или оние што користат други лекови. Природно не значи секогаш безбедно, а суплементите, особено берберинот, можат да влијаат врз дејството на други медикаменти.

На крај, природата навистина нуди супстанции што делумно го поддржуваат слабеењето – но ниту една билка засега нема сила да го замени Озeмпик или други GLP-1 лекови. Сепак, комбинацијата од здрави навики, умерена исхрана, физичка активност и природни поддржувачки суплементи може да биде солидна стратегија за оние што сакаат поумерен, но одржлив пристап кон слабеењето.