Симптоми кои многумина ги игнорираат бидејќи личат на лошо варење, можат да бидат знак за рак на желудник

Фото: Pixabay
94

Болка во желудникот. Жарење. Замор. Ова се тегоби што ги имаме речиси сите од време на време и обично ги припишуваме на стрес, брз начин на живот или на „нешто што не ни годело“. Но, како да знаеме кога е привремен проблем, а кога е знак дека телото се обидува да ни каже нешто?

Иако повеќето луѓе одвреме навреме чувствуваат болка во желудникот, жарење и замор, симптоми кои асоцираат на лошо варење или рефлукс и поради тоа често се игнорираат, важно е да им се обрне внимание кога траат подолго од две до три недели.
Имено, сите овие можат да бидат и симптоми за посериозна состојба, односно, за рак на желудникот.

Како да знаеме кога е привремен проблем, а кога е знак дека телото се обидува да ни каже нешто?

– Повеќето видови на рак на желудник не предизвикуваат симптоми сè додека болеста не напредне, а знаците можат да личат на лошо варење или рефлукс – објаснува д-р Пол Менсфилд, хируршки онколог специјализиран за рак на желудник и други гастроинтестинални тумори и додава:

– Затоа е лесно да се отфрлат симптомите како резултат на прејадување или јадење погрешна храна, или размислување дека тоа се должи на зголемување на телесната тежина. Сепак, сè што се менува и трае е обично нешто што треба да се провери, особено ако трае подолго од две до три недели.

Подолу, ги споделуваме искуствата на шест пациенти кои раскажале како препознале дека нешто не е во ред, а потоа им бил дијагностициран рак на желудник.

Болка во стомакот

– Почнав да чувствувам печење и тапа, грчевита болка во средината на стомакот – вели Џанин Сома, мајка која имала само 28 години кога ѝ бил дијагностициран рак на желудник во рана фаза.

– Отидов на преглед кај гастроентеролог, но тој го припиша тоа на рефлукс и ми препиша антацид. Кога симптомите продолжија, ми беше направена дополнителна дијагностика и ми беше дијагностициран рак на желудник.

Ерика Ханкин, психијатриска медицинска сестра, имала 35 години кога ѝ бил дијагностициран рак на желудник во стадиум I.

– Имав чудни болки во стомакот што се ширеа нагоре и низ градите. Мислев дека е срцето, но стрес-тестот и ЕКГ-то не покажаа ништо – вели таа.

Жарење во желудникот и лошо варење

Почнав да добивам навистина силно чувство на жарење по речиси секој оброк – вели Крег Галати, архитект кој имал 62 години кога му бил дијагностициран рак на желудник во стадиум III.

– Беше чудно затоа што вообичаено немав такви проблеми. Понекогаш почнував да икам кога јадев премногу или пребрзо.

Подоцна се покажа дека имал тумор со големина на топче за голф на самиот врв од желудникот.

Замор што не исчезнува

Силвија Коу, пензионирана директорка на уметничка галерија, имала 54 години кога ѝ била поставена дијагнозата.

– Бев под голем стрес, па затоа го припишав мојот замор, отежнато дишење и вртоглавица на тоа. Но, потоа, на Велигден, отидов во ресторан на ручек и едноставно снеможев. Знаев дека нешто сериозно не е во ред. Се покажа дека е тумор кој обилно крвари.

Ралф Лилја, сточар и агент за недвижности на кого му бил дијагностициран рак на желудник во стадиум IV, имал слично искуство.

– Заморот конечно ме принуди да одам на лекар. Стигна до точка каде што едвај можев да се качувам по скалите. Мојот избран лекар откри дека сум анемичен поради туморот што крвари. Кога почнаа трансфузиите, почувствував олеснување.

Невообичаени напади на глад

Д-р Џо Ајнспар, болнички лекар, имал 55 години кога му бил дијагностициран рак на желудник во стадиум II.

– Се сеќавам дека се обидував да спијам помеѓу смените во болницата и чувствував глад, иако знаев дека сум јадел. Тоа обично се случуваше кога моето тело ќе се смиреше и се појавуваше упорен глад што ме „грицкаше“. И најчудно е што не исчезнуваше дури ни по голем оброк.

Симптоми на рак на желудник кои бараат итна медицинска помош
Покрај горенаведените симптоми, ракот на желудник може да предизвика и:

ненамерно губење на тежина,
чувство на ситост по јадење мала количина храна,
губење на апетит.

Ако се појави некој од следниве симптоми, не треба да чекате, туку веднаш одете на лекар:

Повраќање крв
Секоја количина се смета за сериозна.

Крв во столицата
Столицата може да изгледа црна или катранеста, а мирисот може да биде необичен (метален).

Силна абдоминална болка
Сè што би го оцениле како 8, 9 или 10 на скала за болка од 1 до 10 се смета за сериозен симптом.

– Повраќањето може да биде знак на опструкција или блокада, што почесто се забележува кај напредна болест. Ако не можете да задржите ништо или повраќате храна што сте ја изеле пред три дена, веднаш одете во одделот за итни случаи, предупредува д-р Менсфилд.

Најважниот чекор во раното откривање: слушање на вашето тело
Д-р Менсфилд вели дека многу од пациентите што ги посетува во неговата пракса всушност немаат никакви симптоми, бидејќи често доаѓаат кај него превентивно, откако ќе дознаат дека ја носат генетската мутација CDH1, што значително го зголемува нивниот ризик.

– Но, голем дел од раното откривање е слушање на вашето тело. Некои луѓе имаат симптоми и ги игнорираат. Други ги слушаат своите тела и веднаш бараат помош, штом ќе почувствуваат нешто – нагласува тој.

Тој исто така додава дека една студија од Англија покажала дека раната интервенција, при првите симптоми и ендоскопското испитување можат значително да го зголемат процентот на пациенти кај кои ракот на желудникот се открива во рана фаза.