Во рамките на посетата на Македонија, познатиот готвач со словачко-австриско потекло, ќе одржи мастер клас на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на тема „Локални состојки, сезонски менија и гастрономија без отпад“, а после Охрид, ќе има средби со локални производители и готвачи, и во Битола, Преспа и Мариово.
Познатиот готвач со словачко-австриско потекло, Филип Ондрушек, од денес, 19 мај до 26 мај ќе престојува во Македонија и како гостин на „Слоу Фуд“ ќе ги истражува автентичните македонски вкусови, локалните производи и традиционалната кујна.
Наместо луксузни хотелски кујни и затворени гастро-настани, Ондрушек ги одбра македонските пазари, локалните производители, селските трпези и автентичните вкусови на Охрид, Битола, Преспа и Мариово. Тој ќе ја истражува локалната традиција, сезонските производи и потенцијалот на нашата кујна како современ гастрономски бренд.
Во рамките на посетата, Ондрушек ќе одржи мастер клас на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на тема „Локални состојки, сезонски менија и гастрономија без отпад“. Пред студентите ќе зборува за современите гастрономски трендови, одржливата гастрономија и улогата на локалните состојки во современата кујна. Посебен дел од програмата ќе биде демонстративната сесија за готвење со локални и сезонски состојки, како и дискусијата за управување со „нула отпад“ во професионалните кујни – тема која денес е еден од најважните глобални трендови во гастрономијата.
Ондрушек ќе има и средби со локални производители и готвачи, а во Винарија Манастир ќе се одржи панел за кулинарска соработка и „зелено гостопримство“. Заедно со готвачите од локални ресторани во Охрид, ќе работи на јадења инспирирани од традиционалната македонска кујна, сезонските производи и современите техники на готвењето. Во панел-дискусијата „Зелено гостопримство во Охрид“ ќе се разговара за одржливо управување со ресторани, намалување на отпадот од храна, енергетска ефикасност во угостителството, локални набавки, кратки синџири на снабдување, но и за гастрономијата како сериозен туристички производ за Охрид и Македонија.
По Охрид, гастрономската приказна продолжува во Битола и Пелагонија. Ондрушек ќе ја посети Преспа, каде ќе се запознае со подготовката на традиционалното ѓомлезе, потоа ќе го посети битолското село Дихово – познато по македонската медоносна пчела, како и Буково – село мапирано по прочуената буковска пипер. Ќе се одржи работилница и во битолската гостилница „Фуд Рипаблик“, која користи производи од локалните производители и има автентичен македонски шмек.
Одрушек ќе се сретне и со млади готвачи од мрежата на Слоу фуд Македонија, ќе го посети регионот Мариово и селото Зовиќ, винаријата Сарика, а ќе прошета и низ Старата чаршија и пазарот во Битола. Посетата ќе заврши со подготовка на гала вечера.
Посетата на Филип Ондрушек се очекува да донесе нова енергија и дополнителна промоција на македонската гастро-сцена пред меѓународната јавност.