Хепатолог открива која храна треба да ја исфрлите ако имате замастен црн дроб

Фото: Freepik
125

Експертите предупредуваат дека засладените пијалаци, слатките и рафинираните јаглехидрати се меѓу најголемите непријатели на црниот дроб, но добрата вест е дека болеста често може да се запре, па дури и да се повлече со промена на животните навики.

Масниот црн дроб е едно од оние заболувања што се развиваат речиси незабележливо. Црниот дроб со години ја извршува својата функција без да испраќа јасни предупредувања, а кога ќе се појават првите симптоми, болеста често веќе е во напредна фаза. Токму затоа лекарите предупредуваат дека станува збор за еден од најголемите „тивки“ здравствени проблеми на денешницата.

Иако многумина го поврзуваат оштетувањето на црниот дроб со прекумерната консумација на алкохол, неправилната исхрана исто така може сериозно да го наруши неговото здравје. Добрата вест е што масниот црн дроб во голем број случаи може да се спречи, но и да се повлече со промена на животните навики.

– Едноставното натрупување масти во црниот дроб можеби на почетокот нема да предизвика проблеми, но со текот на времето може да доведе до воспаление, создавање лузнесто ткиво, цироза, па дури и да го зголеми ризикот од срцеви и кардиоваскуларни заболувања – предупредува гастроентерологот д-р Џузепи Морели, специјалист за заболувања на црниот дроб од болницата „Ист Џеферсон Џенерал“ и Универзитетскиот медицински центар во Њу Орлеанс.

Тој додава дека луѓето со масен црн дроб имаат значително поголем ризик од смрт поврзана со кардиоваскуларни заболувања отколку оние кај кои не е дијагностицирана оваа состојба.

Според хепатологот д-р Суџит Џанардхан од Медицинскиот центар на Универзитетот „Раш“, постојат две главни причини за развој на масен црн дроб: прекумерна употреба на алкохол и метаболички нарушувања како дебелина, особено натрупување масно ткиво околу стомакот, дијабетес, покачен шеќер во крвта, високи триглицериди и висок крвен притисок.

Поради тоа, првиот чекор во лекувањето е регулирање на телесната тежина, подобрување на метаболичкото здравје и максимално ограничување на алкохолот.

Лекарите речиси едногласно ја препорачуваат медитеранската исхрана, богата со зеленчук, овошје, мешунки, интегрални житарки, риба, здрави масти и растителни протеини. Доколку целта е слабеење, исхраната може да се приспособи со поголем внес на протеини и помал внес на јаглехидрати. Подеднакво важна е и редовната физичка активност.

Најголемиот непријател на црниот дроб

Ако постои една група намирници што лекарите ја издвојуваат како најштетна за црниот дроб, тоа се едноставните шеќери и рафинираните јаглехидрати.

– Не станува збор за една конкретна намирница што треба да се исфрли, туку за цела категорија храна што долгорочно го нарушува метаболичкото здравје – објаснува д-р Џанардхан.

Со него се согласува и ендокринологот д-р Андрес Спленсер, специјалист за метаболички заболувања.

– Немојте да размислувате само за една „забранета“ намирница. Фокусот треба да биде на целокупното метаболичко здравје и избегнувањето на хроничен калориски вишок – вели тој.

Наместо тоа, препорачува исхрана богата со растителни влакна, непреработени намирници и здрави масти, со што е можно помалку ултрапреработена храна и производи од животинско потекло.

Зошто шеќерите се толку опасни?

Едноставните шеќери и рафинираните јаглехидрати многу брзо влегуваат во крвотокот, предизвикувајќи нагло покачување на шеќерот во крвта и на нивото на инсулин. На долг рок тоа може да доведе до инсулинска резистенција.

Последицата е зголемено натрупување висцерални масти – масно ткиво што ги опкружува внатрешните органи и претставува еден од главните извори на мастите што се таложат во црниот дроб.

Особено проблематични се ултрапреработените производи бидејќи не само што го поттикнуваат создавањето масти во црниот дроб, туку придонесуваат и за хронични воспалителни процеси во организмот. Воедно го зголемуваат ризикот од дебелина, дијабетес и покачени триглицериди – состојби што дополнително ја влошуваат оваа болест.

Затоа лекарите советуваат белиот леб, печивата, слатките и грицките што почесто да се заменуваат со интегрални житарки, кафеав ориз, интегрални тестенини, јаткасти плодови, семки и свежо овошје.

Посебно предупредување упатуваат за засладените пијалаци, вклучувајќи газирани сокови, ладни чаеви и овошни сокови со додаден шеќер.

– Тие содржат големи количества фруктоза, која речиси целосно се метаболизира во црниот дроб. Таму се претвора во маст, што го забрзува натрупувањето масно ткиво во клетките на црниот дроб и ја влошува инсулинската резистенција – објаснува д-р Спленсер.

Наместо нив, тој препорачува вода, незасладен чај или кафе.

– Кафето е особено интересно бидејќи бројни истражувања покажале дека е поврзано со помал ризик од развој на фиброза на црниот дроб – додава тој.

Најважната порака од лекарите е охрабрувачка: за разлика од многу други хронични заболувања, масниот црн дроб често може да се повлече доколку навреме се променат навиките во исхраната и се воведе повеќе физичка активност.

Со други зборови, црниот дроб има извонредна способност за закрепнување – но само ако му дадеме шанса.

Храна што хепатолозите советуваат да се избегнува:

  • засладени газирани пијалаци
  • индустриски овошни сокови
  • слатки
  • бисквити и колачи
  • чипс и други грицки
  • индустриски преработена храна
  • бел леб
  • бел ориз
  • тестенини направени од рафинирано бело брашно