Лубеница или диња? Што е подобар избор за нивото на шеќерот во крвта?

Фото: Pexels
41

Лубеницата и дињата се омилени летни плодови, богати со вода, витамини и антиоксиданти. Но, дали едната е подобар избор за луѓето кои внимаваат на нивото на шеќер во крвта?

Лубеницата и дињата се меѓу најомилените летни овошја. И двете природно содржат шеќери и јаглехидрати, но и низа витамини, минерали и антиоксиданти кои придонесуваат за општото здравје.

Сепак, кога станува збор за контролата на шеќерот во крвта, многумина се прашуваат дали едната има предност пред другата.

– И лубеницата и дињата содржат природни шеќери кои можат да го зголемат нивото на гликоза во крвта, но истовремено се богати со вода, витамини и антиоксиданти и во вообичаени порции имаат релативно низок гликемиски товар – објаснува нутриционистката Британи Полсон за „Eating Well“.

Како лубеницата влијае на шеќерот во крвта?

Лубеницата содржи природни шеќери, па по нејзиното консумирање може да дојде до пораст на нивото на гликоза во крвта.

– Јаглехидратите од лубеницата се варат релативно брзо – вели Полсон.

Сепак, една шолја исечкана лубеница содржи дури 91 отсто вода и само околу 11 грама јаглехидрати. Поради тоа има повисок гликемиски индекс, но низок гликемиски товар.

Гликемискиот индекс покажува колку брзо одредена намирница го покачува шеќерот во крвта, додека гликемискиот товар ја зема предвид и количината на јаглехидрати во една порција.

Поради високата содржина на вода и релативно малата количина јаглехидрати, умерена порција лубеница нема драматично влијание врз нивото на гликоза.

Богата е со ликопен

Една шолја лубеница содржи речиси 6.900 микрограми ликопен – моќен антиоксидант кој ѝ ја дава препознатливата црвена боја.

Ликопенот е познат по своето поволно влијание врз здравјето на срцето и метаболизмот. Некои истражувања покажуваат дека поголемиот внес на ова соединение може да биде поврзан со подобри вредности на шеќерот на гладно и понизок HbA1c кај луѓето со дијабетес.

Научниците сепак нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за прецизно да се утврди неговото влијание врз регулацијата на шеќерот во крвта.

Како дињата влијае на шеќерот во крвта?

Како и лубеницата, и дињата содржи јаглехидрати кои при варењето се претвораат во гликоза.

Но, една шолја исечкана диња содржи околу 93 проценти вода, приближно 12 грама јаглехидрати и околу 1,5 грам растителни влакна.

Токму поради повисоката содржина на влакна, варењето е побавно, а и порастот на шеќерот во крвта може да биде постепен.

Иако дињата има гликемиски индекс од средна вредност, нејзиниот гликемиски товар останува низок поради малата количина јаглехидрати во една порција.

Одличен извор на витамин Ц

Една шолја диња обезбедува околу 57 милиграми витамин Ц, што покрива голем дел од дневните потреби на возрасните.

Витаминот Ц е силен антиоксидант, а истражувањата покажуваат дека повисокиот внес може да биде поврзан со подобра регулација на гликозата и пониски вредности на HbA1c.

Што е подобар избор?

Според нутриционистката Шери Го, дињата има мала предност затоа што содржи речиси двојно повеќе растителни влакна од лубеницата.

Сепак, Британи Полсон смета дека разликата не е толку голема за значително да влијае врз нивото на шеќер кај повеќето луѓе.

– Лубеницата има нешто повисок гликемиски индекс од дињата, но многу поважно е колкава порција јадете и со што ја комбинирате – објаснува таа.

Полсон предупредува дека многу луѓе целосно го избегнуваат овошјето поради страв од природните шеќери, иако истражувањата покажуваат дека редовното консумирање цело овошје може да придонесе за подобра контрола на шеќерот во крвта и помал ризик од развој на дијабетес тип 2.

Како да ги јадете ако внимавате на шеќерот?

Експертите препорачуваат и лубеницата и дињата да се комбинираат со намирници богати со протеини, здрави масти или дополнителни влакна, бидејќи така се забавува варењето и се одржува постабилно нивото на гликоза.

Добри комбинации се:

со грчки јогурт, младо сирење, варени јајца или јаткасти плодови;
со бадеми, ф’стаци или ореви;
како освежителен додаток во салати;
како дел од појадок со овесни снегулки или јогурт.
И лубеницата и дињата можат да бидат дел од исхраната насочена кон одржување стабилно ниво на шеќер во крвта. Дињата содржи нешто повеќе влакна и има малку понизок гликемиски индекс, но експертите сметаат дека многу поважни се големината на порцијата, вкупниот начин на исхрана и индивидуалната реакција на организмот.

– Целта не е да ги исфрлите лубеницата или дињата од исхраната, туку да внимавате на порциите, да јадете разновидно овошје и оброците да бидат нутритивно избалансирани – заклучува нутриционистката Британи Полсон.