Нова шведска студија открива поврзаност меѓу подолгите интервали меѓу оброците и побрзото развивање на хронични заболувања кај постарите лица.
Последните години расте интересот за интермитентниот пост, начин на исхрана при кој во текот на денот се јаде само во одреден временски период, кој е пократок од периодот во кој не се внесува храна. Сепак, релативно малку се знае за тоа како времето на оброците влијае врз здравјето на постарите лица. Затоа, во новата студија истражувачите од Институтот „Каролинска“ испитувале дали должината на најдолгиот дневен интервал меѓу оброците е поврзана со развојот на хронични заболувања со текот на времето.
Изразена поврзаност
Како што објавиле во списанието „Journal of Internal Medicine“, постарите лица кај кои интервалите меѓу оброците вообичаено биле подолги, побрзо развивале хронични заболувања во споредба со оние кај кои овие интервали биле пократки. Поврзаноста била најизразена кај лицата на возраст од 78 години и постари.
Истражувачите користеле податоци од шведската национална студија за стареење и грижа SNAC-K, во која биле опфатени 2.981 лице од Стокхолм, на возраст од 60 години и постари на почетокот на истражувањето. Учесниците биле следени во период од 15 години, а должината на интервалите меѓу оброците била проценета врз основа на податоците што самите ги пријавиле.
Срцеви и невролошки заболувања
Се покажало дека подолгите интервали меѓу оброците биле поврзани со побрзо напредување на хроничните заболувања. Поточно, лицата кај кои најдолгиот интервал меѓу оброците во текот на вообичаениот ден бил меѓу 14 и 24 часа, побрзо развивале хронични заболувања во споредба со оние кај кои најдолгиот интервал бил меѓу шест и 11,5 часа. Поврзаноста била забележана кај кардиоваскуларните и невролошко-психијатриските заболувања, но не и кај заболувањата на мускулно-скелетниот систем.
Истражувачите нагласуваат дека голем дел од досегашните истражувања за постењето биле спроведени кај помлади или средовечни лица, па резултатите кај постарите луѓе можат да бидат поинакви, особено кај највозрасните групи. Сепак, оваа студија не може да утврди причинско-последична врска. Иако подолгите интервали меѓу оброците биле поврзани со побрзо натрупување на заболувања, истражувањето не може да потврди дали самиот модел на постење независно придонел за таквиот исход.