Секојдневно пиење слатки и газирани пијалаци ги дуплира шансите за 3 фатални карциноми

Фото: Pexels
35

Познатите фактори на ризик за рак на желудникот вклучуваат инфекција со бактеријата Helicobacter pylori, пушење, прекумерно консумирање алкохол, исхрана богата со сол и чадени производи, како и недоволен внес на свежо овошје и зеленчук.

За ракот на желудникот се зборува поретко отколку за другите видови рак, иако стапката на смртност од оваа болест е многу висока во целиот свет. Ракот на желудникот е четврта најчеста причина за смрт од рак во светот.

Факторите кои го зголемуваат ризикот од негово појавување вклучуваат инфекција со бактеријата Helicobacter pylori, прекумерно консумирање алкохол, пушење и полот, бидејќи почесто се јавува кај мажите.

Прехранбените навики исто така играат важна улога: исхраната богата со сол и чадени производи, како и недоволното внесување свеж зеленчук, може да го зголемат ризикот од рак на желудникот.

Студија, објавена во научното списание „Gastro Hep Advances“, ги анализирала податоците на повеќе од 112.000 возрасни лица, кои биле следени во текот на повеќе децении. Истражувачите откриле дека луѓето кои пиеле најмалку еден засладен пијалак дневно имале 2,45 пати поголема веројатност да развијат рак на желудникот во споредба со оние кои вакви пијалаци консумирале поретко од еднаш месечно.

Под засладени пијалаци се подразбираат газирани пијалаци, засладени ладни чаеви, енергетски пијалаци, овошни напивки и други пијалаци со додаден шеќер.

Најголемото зголемување на ризикот било забележано токму кај луѓето кои пиеле повеќе од еден засладен пијалак дневно. Кај оние кои ги консумирале само неколку пати месечно или неделно, истражувачите не забележале значително зголемување на ризикот.

Разликата била уште поизразена кај жените. Кај жените кои редовно пиеле засладени пијалаци ризикот бил повеќе од трипати поголем, додека кај мажите бил приближно двојно поголем.

Затоа и не чуди што ги нарекуваат „течна смрт“.

Истражувачите го разгледувале и внесувањето фруктоза, шеќер кој се наоѓа во многу засладени пијалаци. И поголемиот внес на фруктоза бил поврзан со повисока стапка на рак на желудникот, особено кај жените, но не е утврдено дали токму фруктозата е причината за забележаната поврзаност.

Научниците не успеале целосно да објаснат зошто би постоела ваква поврзаност. Една од можностите е дека засладените пијалаци придонесуваат за зголемување на телесната тежина, метаболички нарушувања, воспалителни процеси и други промени во организмот кои би можеле да влијаат врз ризикот од рак.

Имено, засладените пијалаци не се само извор на големи количества шеќер, туку можат да го зголемат и вкупниот внес на енергија, а со тоа да придонесат за зголемување на телесната тежина. Прекумерната телесна тежина сама по себе е поврзана со поголем ризик од развој на различни видови рак. Некои претходни истражувања исто така ја поврзале консумацијата на засладени пијалаци со други видови рак, меѓу кои и ракот на жолчното ќесе и жолчните канали.

Резултатите од студијата не значат дека повременото консумирање засладен пијалак ќе го загрози вашето здравје. Сепак, на долг рок, редовното секојдневно консумирање на вакви пијалаци е помалку препорачливо, па логично е да се оставаат за повремени пригоди.

Обичната или минералната вода, како и другите незасладени пијалаци, се значително подобар избор. Ако често пиете сокови, избирајте ги нивните незасладени верзии и внимавајте на количината што ја консумирате во текот на денот.