Шефот Виктор открива колку храна се троши на брод со речиси 3 илјади луѓе! Среде океан нема „ќе тркнам до продавница“!

Фото: Приватна архива/ФБ
68

2.900 гости и членови на екипажот, 11 кујни и 112 готвачи – зад совршено сервираните оброци стои огромна логистичка операција, пишува шеф Виктор Настески и, меѓудругото, открива дека на бродовите со толкав број на луѓе дневно се трошат и по 3.000 јајца и 900 кроасани

Она што гостите на големите крузери го гледаат како совршено сервирани оброци, зад сцената претставува огромна организација во која нема простор за грешка. Македонскиот шеф Виктор Настески сподели дел од секојдневјето на бродот на кој во моментов работи, откривајќи колку храна се троши и колку луѓе се потребни за да функционира целиот систем.

– Зад сцената: 2.900 луѓе, 11 кујни, 0 можности за грешка – напиша Настески, нагласувајќи дека за успехот на една кујна најважна е тимската работа.

Во моментов тој раководи со 112 готвачи и 60 хигиеничари, распоредени во 11 кујни на бродот. Тимовите работат во смени 24 часа дневно, седум дена во неделата, а неговите обврски не се ограничени само на организацијата на персоналот. Шефот е одговорен и за набавката на продуктите, опремата, менијата и тренинзите.

Особен предизвик е снабдувањето со храна. Како што објаснува Настески, на копно, ако недостига некој производ, може да се направи дополнителна набавка. Насред океан, пак, нема можност за „тркнување до продавница“. Затоа, набавките за крстарења што траат 14, 16, 19 или 30 дена, а особено за патувањата околу светот кои траат и до 100 дена, мора да бидат прецизно испланирани.

А количините се навистина импресивни. За 2.900 гости и вработени дневно се трошат околу 3.000 јајца и 900 кроасани.

На неделно ниво се трошат 3.000 килограми компири, 3.500 килограми пилешко месо, 1.400 килограми говедско месо и 600 килограми сланина. Во кујните неделно се користат и 1.400 килограми брашно, 1.000 килограми шеќер, 1.300 килограми кромид, 600 килограми печурки и 1.200 килограми ориз.

На ова се додаваат и 1.700 килограми лубеници и дињи, 4.300 литри млеко, како и 220 килограми кафе во зрно и дури 8.000 кесички кафе – сето тоа за само една недела.

Токму поради огромниот обем на работа, голем дел од денот на Настески минува во канцеларија, каде што се координира целата логистика.

– Еве го секојдневниот логистички хаос кој ретко кој го гледа – напиша тој, поканувајќи ги следбениците да му постават прашања за бродот, кујната, логистиката и животот на море.