Чај или кафе? Кој напиток е подобар за срцето и долговечноста и колку шолји дневно се препорачуваат?

Фото: Unsplash
1

Истражувањата ги поврзуваат и кафето и чајот со помал ризик од одредени хронични заболувања и предвремена смрт. Но, ако се прашувате кој од нив е подобар за долговечноста, одговорот не е едноставен – засега нема убедливи докази дека едниот е подобар од другиот

Кафе или чај? За многумина утрото не може да почне без еден од овие два напитоци, но освен што нè расонуваат и се дел од секојдневниот ритуал, тие содржат и растителни соединенија што можат да имаат корисно влијание врз здравјето. Истражувањата ги поврзуваат и кафето и чајот со помал ризик од одредени хронични заболувања и предвремена смрт. Но, ако се прашувате кој од нив е подобар за долговечноста, одговорот не е едноставен – засега нема убедливи докази дека едниот е подобар од другиот.

Едно истражување објавено во 2023 година, кое следело лица со метаболички синдром речиси 14 години, открило дека комбинираното консумирање кафе и чај може да биде поврзано со помал ризик од смртност. Учесниците кои пиеле по две шолји чај и две шолји кафе дневно имале 21 отсто помал ризик од смрт од рак во споредба со оние кои не ги консумирале овие напитоци. Кај оние што пиеле четири шолји чај и една шолја кафе дневно бил забележан 22 отсто помал ризик од смрт од кардиоваскуларни заболувања. Станува збор за набљудувачка студија, па резултатите не докажуваат дека токму кафето и чајот ги предизвикале овие разлики.

Кои се предностите на кафето?

Кафето содржи повеќе кофеин од чајот и затоа има посилен стимулирачки ефект. Освен што може да ја подобри будноста и концентрацијата, кофеинот е поврзан и со подобри спортски перформанси, вклучувајќи ја издржливоста, силата и времето на реакција.

Истражувањата укажуваат и на можни придобивки за црниот дроб. Преглед на научни студии од 2021 година покажал дека луѓето кои пијат кафе имале 23 отсто помал ризик од неалкохолна замастена црнодробна болест и 32 отсто помал ризик од фиброза на црниот дроб во споредба со оние кои не го пијат. Кафето се истражува и во контекст на ризикот од рак на црниот дроб.

Кога чајот е подобар избор?

Чајот, особено зелениот, содржи полифеноли и други растителни соединенија со антиоксидативни својства. Зелениот чај содржи и Л-теанин, аминокиселина која може да придонесе за опуштање и подобра концентрација. Некои истражувања го поврзуваат редовното пиење зелен чај и со помала зачестеност на симптоми на депресија, иако тоа не значи дека чајот може да ја лекува оваа состојба.

Редовното консумирање чај се поврзува и со подобро кардиоваскуларно здравје. Метаанализа на 38 проспективни студии со речиси два милиона учесници покажала дека лицата кои пиеле повеќе чај имале помал ризик од смрт од сите причини и од кардиоваскуларни заболувања. Најизразенa поврзаност имало кај умерено консумирање, од околу една и пол до две шолји дневно.

Колку кофеин внесуваме со една шолја?

Разликата меѓу кафето и чајот е и во количината на кофеин. Според просечните вредности наведени во текстот на „Блиц“, една шолја кафе содржи околу 92 милиграми кофеин, црниот чај околу 47 милиграми, а зелениот чај околу 29 милиграми. Количините можат значително да се разликуваат во зависност од видот, начинот на подготовка и големината на шолјата.

Според Европската агенција за безбедност на храната, внесувањето до 400 милиграми кофеин дневно, распределени во текот на денот, не претставува ризик за здравјето на повеќето здрави возрасни лица. За бремените жени препорачаната граница е до 200 милиграми дневно од сите извори.

Кога треба да се внимава?

Премногу кофеин може да предизвика нервоза, вознемиреност, забрзано чукање на срцето, несоница, главоболка и привремено покачување на крвниот притисок. Луѓето кои се почувствителни на кофеин, имаат проблеми со спиењето или забележуваат непријатни реакции по пиењето кафе, треба да го намалат внесувањето.

Важно е и како се подготвуваат напитоците. Кафето и чајот без големи количества шеќер и засладувачи се подобар избор од засладените варијанти. Голема проспективна студија од 2026 година, со повеќе од 167.000 учесници, покажала дека умереното консумирање незасладено кафе и чај е поврзано со помал ризик од кардиоваскуларни заболувања, додека таква заштитна поврзаност не била забележана кај засладените напитоци.

Затоа, изборот не мора да биде кафе или чај. И двата напитоци можат да бидат дел од урамнотежена исхрана, а најважни остануваат умереноста, начинот на подготовка и индивидуалната подносливост. Ниту една шолја сама по себе не гарантира подолг живот.