Адитиви во храната: кои се безбедни, а кои најчесто предизвикуваат сомнежи?

Фото: Pexels
1

Адитивите се супстанции што се додаваат во храната за да го продолжат рокот на траење, да ја подобрат текстурата, бојата или вкусот, како и да спречат расипување. Тие можат да бидат природни – добиени од растенија, овошје или минерали – но и синтетички произведени во лабораторија.

Адитивите во храната со години се тема што предизвикува поделени мислења кај потрошувачите. За едни тие се неопходен дел од модерната прехранбена индустрија, додека други ги поврзуваат со потенцијални здравствени ризици. Но, нутриционистите и регулаторните агенции предупредуваат дека не се сите адитиви исти и голем дел од нив се сметаат за безбедни кога се користат во дозволени количини.

Адитивите се супстанции што се додаваат во храната за да го продолжат рокот на траење, да ја подобрат текстурата, бојата или вкусот, како и да спречат расипување. Тие можат да бидат природни – добиени од растенија, овошје или минерали – но и синтетички произведени во лабораторија.

Без нив, многу производи што секојдневно ги консумираме би имале значително пократок рок на употреба, побрзо би го губеле квалитетот и вкусот, а би се зголемил и отпадот од храна.

Во последните години особено внимание привлекоа одредени адитиви како аспартамот, синтетичките бои и карагенанот, за кои се водат дебати околу нивното долгорочно влијание врз здравјето. Американската Food and Drug Administration (FDA) неодамна најави постепено отстранување на некои синтетички бои од прехранбените производи, што дополнително ја отвори темата за безбедноста на адитивите.

Сепак, постојат и адитиви што експертите редовно ги издвојуваат како безбедни и добро проучени.

Меѓу нив е лецитинот – природен емулгатор што најчесто се добива од соја, сончоглед или жолчка од јајце. Се користи за подобрување на текстурата и спречување згрутчување кај прашкасти производи, чоколади и замрзнати десерти. Иако лицата со силна алергија на соја треба да бидат внимателни, лецитинот генерално се смета за безбеден.

Безбеден се смета и пектинот – природно растворливо влакно што се наоѓа во јаболката и цитрусното овошје. Најчесто се користи при подготовка на џемови и желеа, а може да има и позитивен ефект врз варењето и нивото на холестерол.

Гуар гумата и ксантан гумата, кои често се користат како згуснувачи и стабилизатори, исто така се одобрени за употреба. Кај чувствителни лица може да предизвикаат надуеност или дигестивни тегоби, но во дозволените количини не се сметаат за опасни.

Во групата безбедни адитиви спаѓаат и аскорбинската и ериторбинската киселина. Аскорбинската киселина е позната како витамин Ц и се користи за спречување на потемнување на овошјето и зачувување на свежината на производите. И двете супстанции делуваат како антиоксиданти и помагаат храната подолго да го задржи квалитетот.

Лимонската киселина, која природно се наоѓа во цитрусите, е уште еден од најчесто користените адитиви. Таа го подобрува вкусот на храната и пијалаците и помага во спречување развој на микроорганизми. Сепак, експертите предупредуваат дека прекумерната консумација на кисели пијалаци може да влијае врз забната глеѓ.

Железниот глуконат, пак, е форма на железо што се користи и како додаток во исхраната и како адитив во одредени производи, вклучително и маслинки и житарки за појадок. Најчестите несакани ефекти се благи дигестивни тегоби.

Експертите нагласуваат дека клучниот фактор е количината. Повеќето адитиви што се дозволени на европскиот и американскиот пазар поминуваат строги проверки за безбедност. Тоа не значи дека секој производ што содржи адитиви е автоматски здрав, но значи дека присуството на одредени Е-броеви не треба веднаш да предизвикува паника.

Нутриционистите советуваат граѓаните наместо да се фокусираат само на адитивите, повеќе внимание да посветат на целокупниот квалитет на исхраната – внес на свежа и разновидна храна, умерена консумација на индустриски производи и балансиран дневен режим на исхрана.