Ајде на здравје, Скопје! Рано утро, чкембе чорба (или симит погача), после секој своја борба

797

Градот пости, градот пие, градот демне, градот спие. Рано утро чкембе чорба (или симит погача), после секој своја борба… Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје! Ете, во сабота (5 октомври) сето ова ќе можете да го направите во Јавна соба, на четвртиот по ред Фестивал на биодиверзитетот

Оваа сабота (5 октомври) во „Јавна соба“ ќе се одржи четвртиот по ред Фестивал на биодиверзитет овојпат насловен како: „Нагости се, не бери гајле. Ајде на здравје, у Скопје“.

Фестивалот е во организација на Слоу Фуд Водно како дел од Слоу Фуд Македонија, организација која промовира добра, чиста и правична храна и ги поддржува малите локални производители на истата.

Со овој настан организаторите ја започнуваат и иницијативата за заштита на скопскиот гастрономски симбол – Симит погачата.

Фестивалот на биодиверзитет е замислен како неформално дружење и журка за сите, со почеток во 10 наутро, па сѐ до 17 часот.

Како и на изминатите изданија ова ќе биде и одлична прилика да се купи нешто наше, автентично и вкусно.

Сепак, различно е тоа што овојпат ѕвезда на настанот е деликатесот што го има само во Скопје: омилената симит погача, која многумина, главно оние кои не се од Скопје, ја нарекуваат „леб со бурек“ или „леб со леб“, „тесто со тесто“.

За скопјани таа е сепак многу повеќе.

Симит-погачата, е мошне стар и исклучиво скопски специјалитет, а вкусот многу зависи од тоа дали е лепчето, односно, симитот, направено навистина со наут. 

Скопјани велат дека, за жал, автентичниот вкус на ова препознатливо традиционално скопско јадење полека исчезнува, а она што денеска се нуди низ фурните и пекарниците, иако оние кои не пробале досега нема да го забележат ова, всушност го нема оној препознатлив вкус како во минатото. 

Токму поради ова е важно таа конечно да се заштити како скопски гастрономски симбол.

Инаку, фестивалот на биодиверзитетот традиционално дава можност да се дознаат многу работи за локалните производители од сите конвивиуми на Слоу Фуд Македонија: разни вкусови, благо, солено, луто, гастрономски деликатеси во тегли -ајвар, пинџур, џем, слатко… и сето тоа природно, со вкусови што враќаат во детството.

Тука се и традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомеснати производи сушени на дрва, но и нешто што многумина можеби и не го запознале досега, но е сепак наше, овдешно, македонските тартуфи и сите варијации во кои тие се во основата.

Ќе има и презентации и дегустации на домашни пива, вина, ракии, ликери…

Предвидени се и два мастер класа: точно напладне ќе се одржи работилница за тестенини, а еден час подоцна- работилница за занаетчиско пиво.