Поради објавите на инфлуенсерите, сѐ почесто туристите одат високо во Доломитите само за да чекаат редици за една обична крофна. И во Скопје ваквите глетки не се ништо необично. Разликата е што не мора да се качувате 2.300 метри за да стигнете до крофна.
Стотици луѓе деновиве се качуваат високо во италијанските Доломити со една единствена цел – да изедат крофна. Не станува збор за некоја нова гастрономска сензација, туку за традиционалниот „krapfen“, кој со години се подготвува во планинарскиот дом Friedrich August, на околу 2.300 метри надморска височина. Откако инфлуенсери почнале да го објавуваат десертот на социјалните мрежи, местото го преплавиле туристи.
На видеата крофната изгледа речиси како туристичка атракција сама по себе – топла, полнета со крем од ванила, со спектакуларните Доломити во позадина. А ефектот бил неверојатен: пред планинарскиот дом се создавале редици од по дури 300 луѓе. Некои посетители доаѓале рано наутро, а според пишувањата, имало и такви што кампувале преку ноќ за да не останат без крофна.
Всушност, крофните се прават веќе 30 години, ама никогаш немало толку гужва
Крoфните се продаваат за околу три евра и обично почнуваат да се служат во 7:30 часот, но често се распродаваат до 10 часот. Она што особено ги нервира луѓето од планинарскиот дом е фактот што тие крофни ги прават околу 30 години, а ваква гужва никогаш немале. Проблемот, велат, настанал откако инфлуенсерите почнале масовно да го промовираат местото.
– Ова воопшто не ни се допаѓа – вели вработен во домот.
И додека во Италија луѓето пешачат 20-тина минути од Пасо Села за да стигнат до крофната, во Скопје за добра крофна не ни треба планинарска опрема. Пред некоја вечер, по враќањето од „Карпошово лето“ во Влае, и самата глетка пред „Крофните од Хром“ беше доволна да потсети дека и кај нас крофната може да биде сериозна причина за чекање во ред.
Разликата е што во Хром не мора да се качувате 2.300 метри за да стигнете до неа.
Но италијанската приказна отвора многу поголемо прашање: што се случува кога социјалните мрежи ќе откријат некое „скриено“ место? Одеднаш сите сакаат да бидат таму, да ја направат истата фотографија и да го пробаат истото нешто. Во Доломитите тоа веќе станува проблем за планинарските здруженија, кои предупредуваат дека алгоритмите создаваат гужви на места што порано биле мирни.
– Планините не се игралиште – изјавил Марко Бусоне, претседател на Унчем, националната асоцијација на планинските заедници, за „Fanpage“.
Проблемот е особено изразен кога виралната објава не промовира цела дестинација, туку само една конкретна локација. Тогаш илјадници луѓе во краток период се обидуваат да стигнат до истото место со поглед, планинарски дом или производ што го виделе на социјалните мрежи.
Локалците се жалат дека гужвите се сè поголеми
На Reddit се јавил и корисник кој тврди дека неговото семејство веќе 37 години има куќа во тој регион. Тој вели дека Кол Родела до неодамна било едно од местата со најубав поглед кон Доломитите, но дека сообраќајот и гужвите во последните години станале огромни.
Друг корисник го опишал денешниот туристички образец вака: луѓето чекаат во колона со автомобилите, потоа во ред за жичарницата, па повторно се туркаат по патеките и на местата познати од Инстаграм и Тик-Ток, а на крајот повторно чекаат ред за храна.
Еден коментатор целата ситуација ја сумирал во една реченица:
– Одиш во планина за да ја избегнеш гужвата на море.
Туризмот за селфи го нагризува духот на планината
Франческо Абрускато, претседател на венетскиот огранок на Италијанскиот алпинистички клуб, за „Vita.it“ изјавил дека туризмот фокусиран исклучиво на фотографирање го нагризува вистинскиот дух на планините.
– Главниот проблем се луѓето кои ја посетуваат планината, а притоа ниту ја познаваат ниту ја почитуваат – рекол тој.
– До пред пет или шест години во Доломитите не гледавме прекумерен туризам на конкретни места или во одредени периоди. Сега постојат култни локации на кои веќе не можете да уживате во убавината бидејќи сте опкружени со десетици луѓе кои прават селфи и таму се само поради тоа – додал Абрускато.