Според српскиот диетолог Верослава Станковиќ која за српски Курир зборува на оваа тема, ајварот е вистинско богатство од витамини и антиоксиданти.
Ајварот не е само вкусен, туку и здрав. Диетолог открива како ајварот му помага на здравјето и зошто ја носи титулата крал на зимниците.
– Ајварот е едно од оние јадења што ја надминува улогата на обичен прилог. Тој е симбол на есента, заедништвото и трудот, но и на гастрономскиот идентитет на Балканот. Без разлика дали се сервира со печено месо, леб или како дел од појадокот, ајварот стана неопходен дел од нашата кујна и култура – вели српскиот диетолог д-р Верослава Станковиќ.
Секако, и нашиот портал му има посветено повеќе текстови, но за првпат сега ќе имаме и текст кој не уверува и во неговите здравствени придобивки.
Имено, според диетологот Станковиќ која за српски Курир зборува на оваа тема, ајварот е вистинско богатство од витамини и антиоксиданти.
– Неговата основа се пиперките – зеленчук кој содржи изобилство на витамин Ц, дури и повеќе од лимоните, бета-каротен, витамин Б6 и фолна киселина. Со печењето дел од витамините исчезнуваат, но се ослободуваат природни шеќери и ароматични материи, кои му го даваат карактеристичниот сладок вкус. Ако се додаде модар патлиџан, се внесуваат и вредни влакна, како и полифеноли – супстанции со антиоксидантни својства.
Маслиновото или сончогледовото масло што се користи за ајварот го дополнува јадењето со здрави масти, додека лукот (доколку ставате лук), придонесува за антибактериски и антивирусни својства. Кога се јаде умерено, ајварот може да биде вреден сојузник на имунолошкиот систем, особено во зимските месеци – вели таа.
Ајварот не е само храна – тој е дел од идентитетот. Подготовката на ајвар на есен ги зближува семејствата, соседите и пријателите. Ова е време кога сите се вклучуваат: некој ги пече пиперките, некој ги лупи, некој ги меша во голем сад. Овој процес трае со часови, но токму тоа му дава посебна вредност: ајварот е вкус на заедништво и трпение.
Најдобриот ајвар се прави од месести црвени пиперки, таканаречени, рог пиперки. Печењето на шпорет или скара му дава единствена арома. Важно е добро да се исцеди сокот од пиперките пред мелење, бидејќи ајварот ќе трае подолго и нема да се расипе. Во зависност од вкусот, може да биде благ или лут, погуст или поредок. Стерилизирањето на теглите и прелевањето доволно масло врз ајварот се клучни за долгорочно складирање.
Со чинија ајвар, вели диетологот, не само што добиваме витамини, туку и дел од нашата традиција и идентитет. Нè враќа во детството, мирисот на есента и собирањата околу огнот. Затоа со право можеме да кажеме – ајварот е многу повеќе од зимско јадење. Тој е вистинскиот крал на нашата трпеза.