Ако алкохолот ви предизвикува црвенило, можеби имате 80 пати поголеми шанси за рак

Фото: Pexels
108

Ако забележите дека вашето лице поцрвенува после пиење алкохол, тоа може да биде знак за сериозен здравствен проблем, предупредува д-р Каран Раџан. Имено, оваа реакција може да значи дека сте до 80 пати поподложни на развој на рак на хранопроводот.

Д-р Каран Раџан, познат и како д-р Раџ, објаснува на социјалните мрежи дека појавата на црвенило по консумирањето на алкохол кај некои луѓе е генетска мутација позната како „реакција на алкохолно црвенило“ (alcohol flush reaction).

Овој феномен укажува на недостаток на клучниот ензим алдехид дехидрогеназа 2 (ALDH2), кој е одговорен за разградување на алкохолот во телото.

„Кога пиете алкохол, телото го претвора во ацеталдехид, супстанца која е уште потоксична од самиот алкохол. Под нормални околности, ензимот ALDH2 дополнително го разградува ацеталдехидот во побезбеден ацетат. Но, ако имате мутација, ацеталдехидот се акумулира во крвта, што доведува до црвенило на лицето, забрзано чукање на срцето и – за жал – значително го зголемува ризикот од рак“, објаснува д-р Раџан.

Голема опасност
Се проценува дека околу 8% од светската популација ја има оваа генетска промена, а најчесто ги погодува луѓето од источноазиско потекло. Истражувањата покажале дека луѓето со овој недостаток, дури и кога консумираат мали количини алкохол, имаат ризик од развој на рак на хранопроводот што е 40 до 80 пати поголем отколку кај луѓето без оваа мутација.

Опасностите од алкохолно црвенило биле потврдени и во научна студија објавена во списанието PLOS Medicine. Експертите истакнале дека иако многу луѓе, особено во Источна Азија, се свесни за црвенилото како реакција на алкохол, малкумина знаат дека тоа е поврзано со многу посериозни здравствени последици.

Ракот на хранопроводот е меѓу најсмртоносните видови на рак – со петгодишна стапка на преживување од само 15,6% во САД, 12,3% во Европа и 31,6% во Јапонија.

Затоа лекарите апелираат: луѓето кои имаат реакција на црвенило од алкохол треба сериозно да размислат за ограничување или целосно избегнување на алкохол. Ова значително ќе го намали ризикот од развој на оваа смртоносна болест.

„Вашето тело ви испраќа предупредување. Важно е да го послушате“, заклучува д-р. Раџ.