Ако не сте расположени, јадете киви!

Фото: Pexels
167

Една неодамнешна студија покажа дека јадењето киви помага да се зголеми расположението кај луѓето со ниско ниво на витамин Ц за само неколку дена.

Истражување открило дека јадењето киви им го подобрува расположението на луѓето со ниски нивоа на витамин Ц.

Познато е дека исхраната е важна за физичкото и менталното здравје поради хранливите состојки кои се од суштинскат важност за организмот. Протеините содржат аминокиселини кои се потребни за создавање на серотонинот, допаминот, ендрофинот и други невротрансмитери. Невротрансмитерите се главните хемикалии со помош на кои комуницираат клетките на мозокот. Витамините исто така се важни за активноста на клетките во целиот организам, па и во мозокот.  Претходни студии покажале дека витаминот Ц во форма на суплемент и овошјата богати со витамин Ц го подобруваат расположението.

Во истражувањето, учесниците биле поделени во три групи. Првата група консумирала киви, втората група консумирала витамин Ц во форма на суплемент, а третата зела плацебо (лажен лек). Интересно е дека расположението на оние кои консумирале киви се подобрило по четири дена. Расположението на оние кои консумирале витамин Ц во форма на суплемент се подобрило на 12-от ден. Оние кои зеле плацебо покажале најлоши резултати. Групата која консумирала киви покажала подобри резултати од групата која консумирала витамин Ц во форма на суплемент.

Зошто јадењето киви побргу и повеќе го подобрува расположението?

Ова овошје е познато по големото количество на витамин Ц. Но, јадењето киви е подобро за расположението од примањето витамин Ц како суплемент. Прво, можеби витаминот Ц примен преку храна е поефективен од витаминот Ц примен како суплемент. Можеби и други компоненти во кивито исто влијаат врз подобрување на расположението, а не само витаминот Ц. Тоа е здраво бидејќи содржи и влакна, калиум и витамин Е.

Но, какво и да е објаснувањето, не губите ништо ако изедете барем едно киви кога не сте расположени.