Анксиозност на чинија: Ако сте забележале зголемено ниво на анксиозност, можеби проблемот е во вашата исхрана

Фото: Pexels
192

Храната влијае на нас на повеќе начини, а зголеменото ниво на масти сега потенцијално може да предизвика анксиозност


Во потрага по подобро ментално здравје, клучно е да се разбере како тоа што го јадеме влијае на нас.

Неодамнешните истражувања почнаа да ја откриваат врската помеѓу нашата исхрана и нашите емоции, а консумацијата на храна богата со маснотии се најде под лупа поради нејзината потенцијална улога врз нивото на анксиозност.

Овде не се работи само за чувството на вина откако ќе им се препуштиме на плескавицата и помфритот – туку и за тоа како оваа храна може да влијае на нашиот ум на подлабоко ниво.

Експеримент и резултати

Во експеримент објавен во Biological Research, адолесцентните машки стаорци биле поделени во две групи.

Едната група примала стандардна исхрана со 11 отсто масти, додека другата група консумирала храна со 45 отсто масти, претежно од животинско потекло.

Во текот на девет недели, истражувачите ги следеле цревните микробиоми на стаорците и спровеле тестови за однесување.

Стаорците на диета богата со маснотии се здебелиле и покажале помала микробна разновидност во нивните црева.

Оваа група исто така имала повеќе бактерии Firmicutes и помалку Bacteroidetes, кои се поврзани со дебелината и склоноста кон преработена храна кај луѓето.

Дополнително, стаорците на диета богата со масти покажале зголемена експресија на гени вклучени во производството на серотонин, поврзани со анксиозноста.

Што може да значи за нашето ментално здравје

Водечкиот автор на студијата, професорот Кристофер Лоури, нагласил дека иако се добро познати ризиците од дебелина и срцеви заболувања од исхраната богата со масти, не смеат да се занемарат ниту потенцијалните ефекти врз менталното здравје.

Лоури вели дека разбирањето на негативниот ефект на храната со висока содржина на масти, не само на нашето тело, туку и на нашиот ум, треба да игра главна улога во нашиот избор на исхрана.

Анксиозните нарушувања погодуваат приближно 300 милиони луѓе ширум светот, што ги прави најчести нарушувања на менталното здравје.

Влијанието на исхраната врз анксиозноста е сложено и не е целосно разбрано, но оваа студија само додава на зголемениот број докази кои ја поврзуваат исхраната богата со маснотии со зголемената анксиозност.

Улогата на серотонинот

Серотонинот има различни улоги во телото, вклучувајќи регулација на расположението, варењето и заздравувањето на раните.

Иако неговата точна улога во депресијата е нејасна, серотонинот може значително да влијае на расположението и анксиозноста.

Студијата покажала дека исхраната богата со маснотии може да ја промени генската експресија во регионите на мозокот поврзани со стрес и анксиозност, што доведува до можност за зголемена анксиозност.

Не се сите масти еднакви. Додека некои, како оние што се наоѓаат во рибата и маслиновото масло, нудат бројни придобивки, заситените масти од животинските производи претставуваат различни ризици.

Ова истражување ја нагласува важноста да се размислува за влијанието врз менталното здравје при изборот на храна, особено онаа богата со заситени масти.