Браќата Благој и Нацо Јовчевски кои се познати по нивниот Пчеларник БН во подпелистерското село Дихово, велат дека мечката им доаѓа веќе цел месец. Освен што јаде таму, си зема и рамки со мед, претпоставуваат, за нејзините мали мечиња
Во селото Дихово, под Пелистер, браќата Благој и Нацо Јовчевски речиси 20 години го градат својот Пчеларник БН и се борат за зачувување на македонската автохтона медоносна пчела. Познати се по медот на чиј вкус, очигледно, се навлекла и мечката која ги посетува подолго од месец.
Во нивниот пчеларник имаат два видови на мед и други производи кои се добиваат од пчелите, а препознатливи се и по нивниот АПИ туризам кој е доста добро развиен.
„Мечката е активна повеќе од 1 месец и во повеќе наврати доаѓа во пчеларникот, кадешто е и апи комората, а на 20 метри оттука е и куќата. Ама мечката нема гајле, си влегува во пчеларникот околу 21 и 30 или 22 часот и останува до доцна во ноќта. При секое влегување уништува по неколку сандаци со пчели јадејќи го медот и леглото (местото кадешто се раѓаат нови пчели).
Во пчеларникот има и рефлектори со сензори на движење и е соодветно ограден со бодликава жица и со електрична ограда, меѓутоа, таа успешно се справува со сѐ. Борбата за живот е посилна, таа е гладна, а во природата сѐ уште нема доволно храна, нема сливи, круши, јаболка. Сега има само мечкин лук и еве, нашиов мед“, се смее кисело Нацо додека ни раскажува за неканетата гостинка.
Тој претпоставува дека мечката има и мали мечиња.
„Мислам дека има и мечиња затоа што таа не само што се гоштева таму, на лице место, туку и зема рамки со мед и ги носи на 200 метри подолу од пчеларникот, сигурно за да си ги нахрани малечките“, објаснува Нацо.
Инаку, нивниот пчеларник е во селото, а со оглед на тоа што мечката често си наминува таму, не е многу безбедно ни за жителите.
Браќата Јовчевски сега чекаат оштета од државата за направената штета.
Имено, мечките се животни под трајна заштита на државата и не смеат да се ловат, а за секоја штета што тие ќе ја направат, одговара Република Македонија.