Белите сливи од „Моја бавча“ – во пекмез, сушени и како ролат

430

Благодарение на мармаладот од бели сливи откривме уште неколку интересни детали од кујната на „Моја бавча“, поточно, на вредната Александра Лозановска. Како се сушат сливи и како се прават нејзините здрави „гумени бонбони“, поточно, ролни од сливи полнети со аронија, ореви или бадеми

Пред неколку месеци, на второто издание на Слоу фуд салон 2022, во хотел „Лимак“ во Скопје, меѓудругите познати ликови, мали производители на храна, се видов и со Александра Лозановска, која е срце на брендот за домашна органска зимница – „Моја бавча“.

Од сите производи на овој шаренолик штанд, меѓу сите тие теглички со ајвари и лутеници, ама и со слатка и мармалади и разни други вкусни нешта, таа одвои една тегличка со не многу впечатлива боја и ми рече: „Земи, пробај го пекмезов, од бели сливи е“.

Не знаев точно какви се тие бели сливи, ама си ја прибрав тегличката, ја однесов дома и заборавив на неа. Деновиве, додека ги прередував кујнските плакари, наеднаш ја здогледав меѓу купот празни големи тегли. Се разбира, веднаш ја отворив. Земав парче леб, путер и ставив лажица пекмез.

И ете, тоа беше тоа, вкус баш каков што сакам, киселко-сладок. Превкусно.

Ѝ се јавив на Александра да ѝ се заблагодарам за вкусниот мармалад и таа патем ми раскажа дека тие бели сливи заедно со оние што сите ги знаеме, модрите, исто така и ги суши, а прави и интересен десерт кој на прв поглед, на фотографијата која ми ја испрати, изгледаше како некое мезе со ролни од пршут.

„Белите сливи се мијат, се сечат на половинки, се вадат семките и се редат на сито за сушење, па се покриваат со газа за да не ги лазат инсекти, особено, пчели. После 3 до 4 дена се збираат во платнени вреќички, а можат и да се замрзнат за подолго чување“, ни го објасни Александра процесот на сушење, а ни откри и како ги прави слатко-киселите ролни.

„Овие ролатчиња од сливи се како гумени бомбони, ама здрави. Се варат сливите без семки, а потоа се пасираат и се распоредува смесата во плех и така се суши. Потоа се сече на ленти, се става на нив аронија, бадеми, ореви или нешто слично и се ролуваат“, објасни Александра.

Интересно, нели? Кој не би сакал да проба вакви „гумени бонбони“?!

Така, благодарение на мармаладот од бели сливи, откривме уште неколку интересни детали од кујната на „Моја бавча“, поточно, од кујната на нашата вредна Александра Лозановска.

А производите на „Моја бавча“ се и натаму такви какви што ги знаеме, препознатливи по амбалажата, украсени, дотерани, ама и многу, многу вкусни, баш како домашни, затоа што се токму такви, домашни, направени како за себе, почнувајќи од семето па сѐ до крајниот производ.