Бесплатно шише вино за гостите кои ќе исполнат еден услов: Ресторан во Италија со несекојдневна понуда

Фото: Pexels
97

Италијански ресторан им нуди бесплатно шише вино на гостите кои се откажуваат од мобилните телефони за време на оброкот.

Целта на Анџела Лела, сопственичка на неодамна отворениот ресторан „Ал Кондоминио“ во Верона, е да ги поттикне гостите да разговараат за време на оброкот наместо постојано да гледаат во нивните телефони, објави „Гардијан“.
Таа вели дека сакала да отвори ресторан кој се разликува од другите.

„Технологијата станува проблем – нема потреба да гледате во телефонот на секои пет секунди, но за многумина тоа е како дрога… На овој начин имаат можност да го остават телефонот на страна и да испијат добро вино“, рекла Лела.

Гостите од ресторанот кои ќе се решат да го сторат тоа, го ставаат телефонот во посебна кутија на влезот и го покажуваат клучот од кутијата на келнерот кој ќе им донесе шише вино.

Во кутијата гостите можат да ја стават и својата оценка за оброкот, а на оние кои ќе напишат највпечатлива оценка, ќе им биде понуден оброк следниот пат кога ќе дојдат.

Гардијан пишува дека со ветувањето за бесплатно вино, ресторанот станал популарен меѓу оние кои се подготвени да се „детоксираат“ од мобилните телефони.

„Одговорот беше многу позитивен“, рекла Лела, додавајќи дека 90 отсто од гостите одбрале да ги остават телефоните во замена за вино.

Таа вели дека е убаво да се видат луѓето како разговараат меѓу себе наместо да гледаат слики или да одговараат на пораки.

Ал Кондоминио верува дека е првиот ресторан во регионот Венето со новата иницијатива, иако ги има неколку, вклучувајќи го и оној во Тоскана кој на гостите им дава ваучери доколку ги остават своите мобилни телефони.