Брзи, практични и вкусни домашни паштети од зеленчук

Фото: Freepik
354

Најпопуларен вегетаријански намаз е хумусот, но има уште еден куп варијанти со зеленчуци со кои можете да направите најразлични вегетаријански домашни паштети

Намазот од зеленчук може да се подготви со различни вкусови и да се сервира на различни начини. Здравите намази од зеленчук се одличен начин да јадете зеленчук и да ги добиете потребните хранливи материи на вкусен и малку поинаков начин. Постојат многу начини за подготовка на намази од зеленчук, а подолу ќе најдете рецепти за три различни зеленчукови паштети.

Хумусот, намазот од наут, е еден од најпопуларните намази од зеленчук што можете да го користите на различен начин, но и да му го прилагодувате вкусот со различни додатоци како, сушени домати, печен лук, варено цвекло и слично. Како да направите хумус дознајте во написот „Виножито од хумус“.

Друг намаз од зеленчук кој е идеален за лето, кога патлиџаните се во сезона, е намазот баба гануш. Се подготвува од печени модри патлиџани, а одлично оди со пита леб или фалафел. Рецептот за овој намаз можете да го најдете во написот „Како да направите Баба гануш?“.

Освен овие, најдовме уште неколку интересни рецепти за намази од зеленчук.

Рецепт за намаз од грашок и нане
Овој лесен и освежителен намаз е идеален како намаз за леб, а особено е убав ако му ставите на врвот и малку козјо сирење.

Состојки:
2 чаши замрзнат грашок
1 чешне лук
2 супени лажици маслиново масло
2 лажици свежи листови нане
2 супени лажици таан
2 лажички рендана кора од лимон
2 супени лажици сок од лимон
сол и црн пипер по желба.

Приготвување:
Одмрзнете го грашокот на собна температура.
Сите состојки ставете ги во процесор за храна и блендирајте додека не ја добиете саканата конзистентност. Намазот може да биде целосно мазен или со малку парчиња.
Послужете со леб или крекери и уживајте.

Мухамара намаз – рецепт
Мухамара е благо зачинет блискоисточен намаз кој се состои од печени пиперки и ореви. Најчесто се служи со пита леб, со намази како баба гануш и хумус, а има најдобар вкус кога се служи на собна температура.

Традиционално, пиперките за овој намаз се печат, по што се отстранува лушпата. Или можете да употребите печени пиперки од тегла.

Состојки:
2 печени пиперки од тегла
3 супени лажици маслиново масло
100 гр потпечени ореви
1 чешне лук
2 и пол лажици концентрат од домати
3/4 чаша лебни трошки
2 супени лажици сируп од шипка (Доколку немате сируп од шипинка, можете да го замените со мешавина од мед и сок од лимон)
1 лажичка мелено алепо пиперче (Ако не можете да најдете, користете обичен лут црвен пипер во прав)
1/2 лажичка шеќер
1/2 лажичка сол.

Приготвување:
Исечете ги пиперките на помали парчиња.
Потоа изблендирајте ги со останатите состојки во процесор за храна.
Намазот пред послужување украсете го по желба со маслиново масло, сечкани ореви и магдонос.

Намаз од леќа и сушен домат – рецепт
Добро е да додадете семки, јаткасти плодови или мешунки во намазот од зеленчук за да се зголеми хранливата вредност. Овој вегански намаз содржи сушени домати и леќа, благодарение на што содржи и поголема количина на протеини.

Состојки:
1 чаша сува црвена леќа
1/4 чаша таан
5-7 сушени домати
3 супени лажици сок од лимон
1 супена лажица маслиново масло
1 чешне лук
1/4 лажичка ким во прав
1/4 лажичка кромид во прав
сол и црн пипер по вкус.

Приготвување:
Прво, треба да ја измиете и зготвите црвената леќа. За една чаша црвена леќа треба да се додадат околу 3 чаши вода. Можете да додадете сол или супа од зеленчук во водата за да ѝ дадете повеќе вкус на леќата. Гответе ја околу 15 минути, додека не се впие поголемиот дел од водата, а леќата да биде сварена, а не преварена.
Ако имате вишок вода, процедете ја леќата.
Ставете ги сите состојки во процесор за храна и мешајте додека не ја добиете саканата конзистентност на намазот.