Црешите делуваат противвоспалително и ги регулираат течностите во телото

Фото: Pexels
85

Поради богатството на хранливи материи и во исто време умереното количество калории, црешите се одличен избор за сите оние кои внимаваат на својата тежина. Сега е време да ја искористите шансата и да си замрзнете барем мала количина за зимоска

Црешите се вкусно летно уживање, а од нутриционистичка гледна точка, нивните придобивки се многу ценети.

Тие се добар извор на антиоксиданти, витамин Ц и диетални влакна, а содржат малку масти и не содржат натриум или холестерол.

Поради богатството на хранливи материи и во исто време умереното количество калории, црешите се одличен избор за сите оние кои внимаваат на својата тежина.

Црешата е овошје во близок род со сливите, а нешто подалечно со праските и нектарините.

Порција цреши (73 грама) содржи: 50 калории, 1 грам вкупни масти, 2 грама вкупни јаглехидрати, 2 грама диетални влакна, 10 грама шеќер и 1 грам протеини.

Црешата ги содржи сите витамини и минерали (освен натриум), иако во помали количини, како и целулоза, пектин и органски киселини (јаболкова, лимонска, винска).

Богат е со калиум и затоа поволно влијае на балансот на течности во телото. Овошјето и зеленчукот, вклучувајќи ги и црешите, исто така содржат илјадници фитохемикалии одговорни за многуте заштитни својства на овие важни намирници.

Нутритивна вредност и здравствени придобивки

Црешите, како и другите овошја, се богати со антиоксиданти кои штитат од слободните радикали и го забавуваат процесот на стареење.

Црешите ја должат својата црвена боја на антоцијаните, антиоксиданти со силни антиинфламаторни својства.

Истражувањата покажале дека црешите имаат корисен ефект врз дијабетесот со тоа што го намалуваат нивото на шеќер во крвта.

Освен тоа, црешите го намалуваат нивото на ЛДЛ холестеролот и можат да бидат корисни во превенцијата од рак на дебелото црево.

Клиничката студија покажува дека консумирањето цреши и нивните производи може да биде корисно за ублажување на болките поврзани со гихт.

Кај пациенти кои консумирале околу 250 грама цреши дневно од три дена до три месеци, било откриено дека нивото на урати се намалило на нормално ниво.

Друга студија на волонтери открила значително намалување на нивото на урат во плазмата пет часа по консумирањето цреши.

Дополнително, се покажало дека во текот на тие пет часа се зголемило излачувањето на урати со урината.

Според студијата спроведена на 633 испитаници кои боледуваат од гихт и објавена во списанието Arthritis & Rheumatism, само дводневно консумирање цреши го намалува ризикот од напади на гихт за 35 проценти.

Против физичка и психичка исцрпеност

Во свежа состојба, црешите се добри за елиминирање на физичката и менталната исцрпеност, но сокот од цреши исто така се покажал како многу корисен за спортистите бидејќи може да ја намали болката во мускулите после трчање.

Во истражувањето учествувале 60 здрави испитаници на возраст од 18 до 50 години.

Испитаниците кои пиеле три децилитри сок од цреша два пати на ден во текот на една недела имале значително помалку проблеми со болки во мускулите по трчање на долги патеки отколку испитаниците кои пиеле друг вид на сок.

Иако точниот механизам на дејство сè уште не е јасен, научниците веруваат дека црешите делуваат како вообичаените лекови кои спортистите ги земаат за да ја олеснат воспалителната состојба по физичката активност.

Петелките од црешите се богати со танини, органски киселини, флавоноиди, шеќери и минерали. Благодарение на нивниот состав, тие се користеле во народната медицина за чаеви кои го поттикнуваат излачувањето на урината и исфрлаат камења од бубрезите и мочниот меур.

Избор и чување цреши

Зрелите цреши се големи, сјајни, месести и со темна боја.

Независно од сортата, црешите имаат краток рок на траење, па при купувањето побарајте овошје со стебленца, изразита црвена боја и цврста лушпа.

Избегнувајте оштетени плодови.

Купувајте само цреши кои се чувани на ладно и доволно влажно место, бидејќи високите температури ја оштетуваат нивната текстура и вкус.

Црешите можете да ги чувате во фрижидер до една недела.

Периодично проверувајте ги плодовите и отстранете ги оние што се расипани.
Можете да ги замрзнете така што ќе ги измиете, добро ќе ги исушите, потоа ќе ги наредите во еден слој и дури потоа ќе ги ставите во замрзнувач.
Чувајте ги замрзнатите цреши до една година.