Може ли хеликобактер да се лекува со исхрана? Која храна се препорачува при инфекција со хеликобактер пилори

Фото: Pixabay
302

Речиси е невозможно да се реши проблемот со Helicobacter pylori само со помош на исхрана, иако таа може да ги олесни симптомите на инфекцијата. Се препорачуваат ферментираните млечни производи, на пример јогурт со пробиотици или кефир, како и чај од комбуха.

Која е врската помеѓу Helicobacter pylori и исхраната? Иако не постои специфична диета пропишана за инфекција со Helicobacter pylori, постојат неколку видови на намирници за кои се верува дека помагаат да се спречи болеста или да се намалат симптомите кај заразените лица.

Сепак, речиси е невозможно да се реши проблемот со Helicobacter pylori само со помош на исхрана, иако таа може да ги олесни симптомите на инфекцијата.

Која храна се препорачува при инфекција со Helicobacter pylori?
Ферментирани производи со пробиотици

Веројатно сте слушнале дека пробиотиците се добри против Helicobacter pylori.

Пробиотиците или „добрите“, непатогени бактерии вообичаено се наоѓаат во телото и една од нивните главни улоги е да учествуваат во процесите на варење на храната.

Во мала мера, пробиотиците можат да влијаат на присуството на Helicobacter pylori и да го забават нејзиното размножување, но тие всушност ја сочинуваат нормалната цревна флора и одржуваат рамнотежа со „лошите“ бактерии.

Храната што содржи пробиотици е особено корисна за време на терапијата со антибиотици, бидејќи ја компензира загубата на „добрите“ бактерии и на тој начин ги намалува несаканите ефекти.

Имено, антибиотиците делуваат и на „лошите“ и на „добрите“ бактерии, ја нарушуваат микробиолошката рамнотежа во цревата и на тој начин предизвикуваат дигестивни проблеми, гадење и дијареа.

Најпознатите намирници со пробиотици се ферментираните млечни производи, на пример јогурт со пробиотици или кефир, како и чај од комбуха.

Пробиотиците може да се земаат и во форма на капсули или капки, според пропишаните упатства за употреба.

Овошје и зеленчук

Исхраната богата со овошје и зеленчук поволно делува на превенција од сите гастроинтестинални заболувања.

Иако најздравиот облик е сировото овошје и зеленчук, кај луѓето кои имаат симптоми на гастритис, односно инфекција со Helicobacter pylori, целулозата од овошјето и зеленчукот може механички да ја иритира воспалената мукозна мембрана.

Затоа, се препорачува или да се консумираат сокови од овошје и зеленчук, или малку динстано/варено овошје и зеленчук.

Морковите, компирите, брокулите, јаболката спаѓаат во групата на влакнести, лесно сварливи намирници и најчесто не предизвикуваат дополнителни проблеми.

Во една студија, каде што пациентите со умерени симптоми на инфекција со Helicobacter pylori консумирале никулци од брокула (70 г/ден), забележана е намалена колонизација на Helicobacter pylori.

Брокулата содржи природно соединение сулфоран (група на изотиоцијанати) кое најверојатно е одговорно за оваа активност.

Поголеми количини на изотиоцијанати може да се најдат и во карфиолот, зелката и ротквиците. Затоа се верува дека овој зеленчук може донекаде да помогне во борбата против хеликобактер пилори.

Сепак, потребно е огромно количество од споменатиот зеленчук да се конзумира редовно за да може количеството на посакуваните изотиоцијанати да биде доволно за лековито дејство.

Во лабораториските тестови, докажано е дека група природни соединенија наречени полифеноли може да влијаат на сузбивањето на Helicobacter pylori.

Полифенолите се наоѓаат во значителни количини во бобинките, како што се боровинките, малините, јагодите, капините, брусницата.

Студијата во која луѓето со инфекција со H. pylori пиеле 250 мл сок од боровинки дневно во текот на три месеци покажала дека 15% од пациентите биле негативни по третманот и овој ефект се припишува на полифенолите.

Во секој случај, природните сокови богати со полифеноли можат да имаат многу позитивни ефекти врз целокупното здравје.

На пример, тие можат да го намалат воспалението, да го зајакнат имунитетот, да покажат антиоксидантна активност. Затоа, тие исто така можат да имаат корисен ефект врз симптомите на инфекција со Helicobacter pylori.

Иако агрумите содржат големи количини на витамин Ц, кој помага за обновување на воспалените ткива, нивната природна киселост може дополнително да го иритира желудникот, па затоа се препорачува умерено консумирање.

Мед против Helicobacter pylori

Некои видови мед, како што е медот манука, имаат бактериостатска активност.

Досега со одредена сигурност е докажана превентивната улога, односно дека консумирањето мед барем еднаш неделно придонесува за намалување на ризикот од инфекција со Helicobacter pylori. Затоа можеме да кажеме дека медот е корисен во превенцијата на Helicobacter pylori.

Масла богати со омега 3 масни киселини

Маслиновото масло, лененото масло, лененото семе, лосос и туна се богати извори на омега 3 масни киселини.

Овие намирници се погодни во исхраната кога е присутна инфекција со H. pylori, бидејќи омега 3 масните киселини можат да ги ублажат воспалителните процеси.

Омега 3 масните киселини се исто така достапни во форма на додатоци во исхраната.

Чаеви против Helicobacter pylori

Чаевите содржат голем број природни соединенија кои можат да помогнат во борбата против Helicobacter pylori и да ги ублажат симптомите.

Зелениот чај или оние кои се мешавина од лековити билки често се препорачуваат како чаеви против Helicobacter pylori, со оглед на тоа што овие чаеви најчесто го намалуваат воспалението на слузницата на желудникот.

Чајот од ѓумбир може да биде корисен, бидејќи го намалува чувството на гадење.