Црвена цикорија: празник за очи, богатство од антиоксиданти

339

Црвената цикорија е пример за природен и лесно достапен извор на антоцијанини кои имаат заштитен ефект врз здравјето на органите за варење. Тие спречуваат оксидативно оштетување и непожелни воспалителни промени.

Без разлика на годишното време, зеленчукот ни треба секој ден. Неговиот помал избор во постудениот дел од годината не треба да не обесхрабрува. Можеме да уживаме во видовите што ги нема во лето. Меѓу нив е и црвената цикорија (радич).
Со своето богатство од микронутриенти и антиоксиданти, црвената цикорија го зајакнува нашиот имунитет, а неговите примамливи бои го поттикнуваат апетитот.

Станува збор за едногодишно растение кое може да се сади и во пролет и во есен. Згора на тоа, есенскиот радич е поквалитетен и со поблаг вкус.
Тој е еден од ретките видови зимски зеленчук што го јадеме сиров и затоа ја задржува својата првобитна хранлива вредност. Содржи минерали како што се калциум, магнезиум, калиум, железо и цинк. Има и витамин Ц, и тоа повеќе од морковите, цвеклото, кромидот и целерот, а не треба да се занемари ниту присуството на други антиоксиданти како што се каротеноидите.

Богатство на антоцијанини
Многу дегенеративни болести, како што се ракот на дебелото црево и воспалителните промени во дигестивниот систем, се поврзани со зголемен оксидативен стрес и прекумерно производство на слободни радикали. Во исто време, со зголемување на свеста за важноста на квалитетната и разновидна исхрана, расте интересот на луѓето за свежа храна со богат состав на микронутриенти кои го штитат нашето тело. Особено сега, во зима, кога на менито има повеќе тешка храна и месо, неопходно е во исхраната да се вклучат намирници богати со антиоксиданти.
Црвената цикорија е пример за природен и лесно достапен извор на антоцијанини кои имаат заштитен ефект врз здравјето на органите за варење. Тие спречуваат оксидативно оштетување и непожелни воспалителни промени.

Покрај тоа, го помага мокрењето, а благодарение на присуството на диетални влакна придонесува за функционирање на цревата и детоксикација. Влакната, исто така, придонесуваат за намалување на ризикот од рак на дебелото црево такашто го намалуваат времето на контакт со штетните материи внесени со храната.

Исто така, влакнестата храна, како свежиот радич, е волуминозна, па нејзиното додавање во оброкот го спречува прејадувањето.

Вреди да се спомене дека овој зеленчук позитивно влијае и на црниот дроб, што е важно сега кога јадеме помрсна храна.

Како се употребува во кулинарството
Крцкавата текстура и специфичниот, малку горчлив вкус на радичот особено добро се комбинираат со месо во пикантни сосови.

Еве неколку идеи како почесто да ја вклучувате оваа салата во вашата исхрана.

Освен што е одлична како салата сама по себе, интересна е комбинацијата од бела зелка, рендан морков и радич.
Необичен прелив за салатата од радич, зелена салата и рукола е мешавината од масло од тиква и сок од лимон.
Салатата како самостојно јадење за на работа може да се подготви однапред дома. На исечените печени пилешки гради додадете ги сварените и исцедени тестенини и измиените листови од радич и зелена салата. Пред ручек, прелијте го ова со мешавина од маслиново масло и вински оцет. За посебен вкус, поросете ги со лесно потпечени лешници.
И кога немаме волја или време да готвиме, ручекот и вечерата мора да вклучуваат зеленчук. Лесен пладневен или вечерен оброк може да биде урда измешана со сусам и премачкана на интегрален леб и салата од радич и црни маслинки зачинета со маслиново масло и јаболков оцет.
Доколку ви се брза, а сакате да изедете квалитетен ручек, намачкајте ја тортиљата со крем сирење и додајте го филот: печени тиквички, салата од радич и рендан морков, исечкан домат, варен бел грав и печена туна.
Сè на сè, црвениот радич е храна која го заслужува нашето внимание во оваа сезона, поради неговиот состав. И секако, оваа свежа црвена салата е далеку подобар избор од киселиот зеленчук купен во продавница, а подготвен којзнае кога.