Оние долги бели нишки кои се протегаат по целата должина на бананите, а кои повеќето од нас ги вадат, се всушност богати со растителни влакна, кои помагаат да се регулира варењето и да се одржи чувството на ситост.
Бананите се омиленото овошје на многу луѓе, познати по својот сладок вкус и богатата нутритивна содржина. Сепак, многу љубители на банани често се во дилема поради неугледните бели нишки што се појавуваат кога ја лупат бананата. Станува збор за снопови флоеми, кои играат важна улога во растот и развојот на бананите.
Овие тенки, влакнести снопови се протегаат по целата должина на плодот на бананата, од стеблото до врвот, и овозможуваат проток на шеќери, минерали и други есенцијални хранливи материи од листовите до плодот за време на растот. Ова осигурува дека бананата ги добива сите потребни хранливи материи за правилен развој и зреење.
Според д-р Николас Д. Гилит, потпретседател за истражување на исхраната на Dole Nutrition Institute сноповите на флоеми веројатно имаат различен нутритивен состав од остатокот од јадливиот дел од бананата.
„Бидејќи тие имаат специфична функција, очекувано е да имаат поинаков нутритивен состав од остатокот на јадливиот дел од бананата“, објаснил тој за Huff Post.
Дали се јадливи сноповите флоеми?
Добрата вест за оние кои се прашуваат дали овие влакнести нишки се безбедни за консумирање е тоа што се целосно јадливи. Др. Гилит го потврдил ова: „Како дел од бананата, секако дека се безбедни за јадење. Единственото прашање е дали се вкусни”.
Иако многу луѓе инстинктивно ги отстрануваат овие нишки кога јадат банана, нема докази дека тие се штетни за здравјето. Покрај тоа, сноповите флоеми може дури и да обезбедат дополнителни нутритивни придобивки.
Иако специфичната хранлива вредност на сноповите флоеми не е детално истражена, експертите веруваат дека тие содржат повеќе влакна и структурни компоненти во споредба со остатокот од бананата.
Сепак, важно е да се забележи дека сноповите на флоеми се присутни во многу мали количини во споредба со остатокот од бананата. Затоа, освен ако не консумирате големи количини од самите снопови флоеми, нивното влијание врз целокупната хранлива вредност на бананата е минимално.
Дополнителните влакна присутни во сноповите флоеми може да придонесат за дигестивно здравје. Влакната се познати по тоа што помагаат да се регулира варењето, да се одржи чувството на ситост и потенцијално да се намали нивото на холестерол.
Банани без снопови флоеми
И покрај ова, многу луѓе сè уште избираат да ги отстранат поради нивното влијание врз текстурата и вкусот на бананата. Овие влакнести нишки можат да имаат малку горчлив вкус и жилава текстура, што некои го сметаат за непријатно.
Интересно е тоа што некои одгледувачи почнале да развиваат хибридни сорти на банани кои немаат снопови флоеми или ги имаат во многу мали количини. Ова е одговор на преференциите на потрошувачите на кои не им се допаѓа текстурата на овие влакнести нишки.
Сепак, Др. Гилит предупредува дека отстранувањето на сноповите флоеми може да има негативни последици врз растот и развојот на бананата.
„Ако сноповите флоеми се неопходни за адекватна распределба на хранливи материи низ растението, која би била причината за нивното отстранување?“, прашува д-р Гилит.
Следниот пат кога ќе излупите банана, можеби ќе размислите двапати пред автоматски да ги отстраните тие мали бели нишки. Којзнае, можеби ќе откриете дека ви се допаѓа дополнителната текстура и хранлива вредност што ги обезбедуваат сноповите флоеми.