Дали грицкате чипс или пушите, исто ви се фаќа!

Фото: Pexels
105

Експертите се согласуваат дека е неопходно да се зголеми свеста за ризиците од ултра-преработената храна и да се преземат политички мерки за да се намали нејзиното присуство во нашите животи.

Ултра-преработената храна (UPF) тивко се етаблира како секојдневен дел од нашите менија, но сѐ повеќе експерти предупредуваат за сериозните последици од нејзиното консумирање. Некои дури одат дотаму што ја споредуваат со цигари, тврдејќи дека нејзината продажба треба да биде строго регулирана и означена со предупредувања за штетност.

Звучи радикално, но податоците за поврзаноста на UPF со дебелината, дијабетесот, срцевите заболувања и ракот зборуваат сами за себе. Поддржувачите на построги мерки, како бразилскиот нутриционист Карлос Монтеиро, сметаат дека е крајно време за политички интервенции.

Покрај тоа, бројни студии и експерти ширум светот детално документираа како одредени видови на UPF негативно влијаат на нашето здравје, од слатките пијалаци до грицките и житарките за појадок. Еве преглед на некои од најпроблематичните производи кои секојдневно се присутни на нашите маси, пренесува MSN.

Треба да се избегнуваат

Грицки и чипс: Солта, засилувачите на вкусот, вештачките бои и емулгаторите ги прават грицките како чипсот, популарен избор, но и ризик по здравјето.

Емили Буси, нутриционистка од Gillings School of Global Public Health, истакнува дека овие закуски се дизајнирани да бидат многу привлечни – од вкусот и текстурата до боите што привлекуваат внимание. Но, проблемот е што овие комбинации се далеку од природни и често предизвикуваат прејадување и силна желба за храна.

Покрај високата содржина на сол и маснотии, на овие производи им недостасува структура на целосна храна, што значи дека телото брзо ги вари, без да се чувствува ситост. Исто така, адитивите како што се конзерванси и стабилизатори може да го нарушат балансот на цревниот микробиом, поттикнувајќи воспалителни процеси во телото. На пример, познатите Принглс (Pringles) не се направени од исечени компири, туку од дехидриран компир во прав измешан со брашно и скроб, што ги прави класичен пример за UPF.

Преработени месни производи: виршли, пилешки медалјони и шунка – Преработените месни производи се уште една група на ултра-преработени намирници кои сериозно го загрозуваат здравјето. Според студиите, редовното консумирање на овие производи е поврзано со зголемен ризик од дијабетес тип 2, срцеви заболувања и рак.

Носат проблеми

Процесот на изработка на овие намирници често вклучува мешавина од месо во форма на паста или течност, со додавање на емулгатори и вештачки ароми. Во 2015 година, Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицираше преработеното месо како докажано канцерогено, ставајќи го во иста категорија со тутунот и алкохолот.

Зашеќерени пијалаци: Безалкохолните пијалаци богати со шеќер како газираните и енергетските пијалаци се на врвот на листата на прехранбени производи поврзани со сериозни здравствени проблеми. Истражувањето на Универзитетот Харвард покажа дека редовното консумирање на овие пијалаци може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести, замастен црн дроб и дијабетес.
Главниот проблем лежи во големата количина на шеќер кој лесно се апсорбира бидејќи е во течна форма, што дополнително го оптоварува метаболизмот. Покрај тоа, на овие пијалаци им недостасуваат хранливи материи, што ги прави калорични, но целосно бескорисни за организмот.

Популарна храна

Житарици за појадок: Иако се рекламираат како здрави и богати со влакна, многу пакувани житарки за појадок се всушност меѓу најлошите форми на ултра-преработена храна. Адитиви како вештачки бои, вкусови и емулгатори ги прават практичен, но крајно нездрав избор.

Нутриционистот Ендрју Ајзак објаснува како дури и навидум здравите опции можат да бидат полни со адитиви кои им ја одземаат хранливата вредност. Британската диететска асоцијација истакнува дека дури и житариците со влакна се ултра-обработени, што ги става во иста категорија како и чоколадните снегулки.

Ултра-преработената храна не е само повремено уживање – таа претставува сериозна закана за јавното здравје. Експертите се согласуваат дека е неопходно да се зголеми свеста за нејзините ризици и да се преземат политички мерки за да се намали нејзиното присуство во нашите животи. Од грицки и преработено месо до слатки пијалаци и житарки, време е критички да размислиме за тоа што внесуваме во нашите тела.