Дали морската, кошер и хималајската сол се подобри од кујнската сол?

Фото: Pexels
181

Со зголемената популарност на морската, кошер и хималајската сол, се поставува прашањето, дали нерафинираните или помалку рафинираните соли се подобри од високо рафинираната кујнска сол? Краткиот одговор е – не многу.

Морската, кошер и розовата хималајска сол се сè поприсутни во кулинарските трендови, па се поставува прашањето дали природните соли се похранливи од кујнската сол? Експертите не потсетуваат дека секој ден ни треба малку сол. Овој клучен минерал му помага на нашето тело да ги балансира течностите, но често се случува да консумираме многу повеќе од препорачаната дневна количина.

Алтернативите како морската сол изгледаат примамливо
Премногу сол вовлекува дополнителна течност во крвните садови и тоа го зголемува крвниот притисок, зголемувајќи го ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. Ако јадете премногу сол може да се чувствувате тешки и надуени. Не е тајна дека премногу сол е штетно за нашето здравје. Значи, од тој агол, алтернативите како морската сол изгледаат примамливо, вели Џулија Зумпано, регистрирана диететичарка на Одделот за превентивна кардиологија на Клиниката во Кливленд, која се фокусира првенствено на срцеви пациенти.

Морската сол, како што вели, се добива со испарување на морската вода и не содржи адитиви. Производителите обилно поросуваат морска сол на чипсот и ѓевреците, на пример, и го означуваат како „природен“, а ние тоа го јадеме – буквално, истакнува Зумпано.

Исто така, даваме повеќе пари за кошер сол и нерафинирана обоена сол. Како и кујнската сол, покрупната кошер сол се ископува од наслаги на сол, но ретко содржи адитиви. Солите кои се розови, црвени, сини или сиви ги рефлектираат минералите во трагови во наслагите на сол каде што се ископани, од Хималаите до хавајските вулкани, објаснува Зумпано.

Која сол е најдобра за исхрана?
Значи, со зголемената популарност на морската, кошер и хималајската сол, се поставува прашањето, дали нерафинираните или помалку рафинираните соли се подобри од високо рафинираната кујнска сол?

Краткиот одговор е – не многу. Без разлика од каде доаѓа, солта содржи иста количина на натриум хлорид, инаку најголемиот „виновник“ за толку многу срцеви и мозочни удари. Исто така, кујнската сол може да биде порафинирана, но таа е единствената сол со соодветна количина на јод. Оваа хранлива материја ни е потребна за општото здравје, а особено за здравјето на тироидната жлезда, објаснува диететичарката Јулија Зумпано.

Недостатокот на јод, посочува, може да доведе до гушавост (масивно отекување на тироидната жлезда). Во врска со ова, таа споменува дека додавањето на јод во кујнската сол во 1924 година ја запрело американската епидемија на гушавост.

Затоа многу експерти се загрижени дали зголемената популарност на морската сол, кошер и хималајската сол, ќе предизвика повторно појавување на гушавост, нагласува Џулија Зумпано.