Дали секоја смоква има во себе мртва оса? Еве што вели хрватски експерт

Фото: Unsplash
797

Процесот на опрашување на смоквите со помош на оси и податокот дека во секој плод се наоѓа по една распадната оса важи само за дивите сорти смокви, но не и за оние што сме навикнати да ги јадеме, објаснува првиот човек во Хрватска кој докторирал на тема смокви, агрономот Жељко Пргомет, кој на својата плантажа во Истра повеќе од 25 години одгледува 20 видови од овие овошки

Една интересна работа поврзана со смоквите е приказната за тоа како внатре во секоја зрела смоква има мртва оса. Според некои, мртвите оси се одговорни за крцкавата структура на која наидуваме во средината на оваа овошка, додека други велат дека осата во зрелата смоква е веќе целосно распадната.

Првиот човек во Хрватска кој докторирал на тема смокви, агрономот Жељко Пргомет, кој на својата плантажа во Истра повеќе од 25 години одгледува 20 видови од овие овошки ја разјаснил мистеријата околу смоквите за хрватски Индекс.

Како што појаснил, процесот на оплодување на смоквите во кој учествуваат многу мали оси од родот Blastophaga grossorum се нарекува капрификација. Цветовите се опрашуваат од многу мали оси кои влегуваат во плодот на смоквата во потрага по соодветно место за да ги снесат јајцата. Во форма на јајца презимуваат во малите плодови од дивите смокви, а се активираат напролет кога ќе женските оси излегуваат надвор и ја вршат услугата на опрашување. Во плодот остануваат машките оси, кои во следните три месеци, колку што треба плодот да достигне зрелост, целосно се распаѓаат. Без оваа услуга за опрашување, дивите смокви не би можеле да се размножуваат со семе, а за возврат обезбедуваат безбедно засолниште и храна за следната генерација оси. Овде е најважно дека овој процес се однесува на дивите сорти смокви кои имаат три берби годишно, но не и на оние сорти смокви што сме навикнати да ги јадеме и кои раѓаат само два пати годишно.

Вообичаената, питома смоква (Ficus carica) и нејзините многубројни сорти не бараат опрашување со оси или полен од друго дрво и д-р Пргомет уверува дека смоквите што сме навикнати да ги јадеме не се опрашуваат со помош на оси.

Смоквата е една од ретките овошни култури кои ретко или речиси никогаш не се третираат со пестициди, па секако е едно од најмалку третираните овошја што ги користиме во исхраната, а по своите хранливи вредности е на врвот на овошните култури. Освен што не се третираат со пестициди, сега можеме да бидеме сигурни дека смоквите се погодни и за веганска исхрана.