Дали сте пробале млеко од кикиритки? Се прави од две состојки, а кога ќе го пробате ќе се прашате зошто досега не сте го направиле

Фото: Pexels
159

Лесно се подготвува и нуди уште еден избор за оние кои сакаат да се хранат поздраво. Во оваа статија, ќе дознаете повеќе за млекото од кикиритки, но и рецепт за да го направите сами.

Растителните млека станаа многу популарни со текот на годините, или поради здравствени причини (нетолеранција на лактоза) или поради преференции на вкус. Новите, различни видови млеко без млечни производи кои секој може да ги проба стануваат сѐ попопуларни. Меѓу нив е и млекото од кикиритки, кое не е ново, но сепак е помалку познато и потешко е да се најде во продавниците од, на пример, бадемовото, кокосовото или оризовото млеко.

Ова млеко е природно веганско, кошер и без холестерол, а токму поради главната состојка – кикиритките, има високо ниво на протеини. Иако можеби овој пијалак не е добро познат на нашите простори, тој постои одамна. Го развил Џорџ Вашингтон Карвер, кој го нарекуваат и „човек од кикиритки“. Со многу малку состојки, Карвер смислил рецепт за млеко од кикиритки со вкус споредлив со кравјото млеко, иако неговото производство било многу поевтино.

Млекото од кикиритки треба да се чува во фрижидер, каде што може да остане четири дена.

Исто така, не ги фрлајте исцедените парчиња кикиритки, бидејќи од нив може да се направи брашно, кое може да се додаде во колачиња, креми или домашен путер од кикиритки. Млекото од кикиритки може да се направи само со кикиритки и вода, а има покремаста текстура од некои други млека од јаткасти плодови, особено ако додадете состојки како урми.

Во споредба со бадемовото млеко, млекото од кикиритки е покремасто. Исто така, кога ќе го пробате, за разлика од некои други растителни млека, нема да се прашувате од што е направено, сѐ ќе ви биде јасно веднаш.

Во Нигерија, млекото од кикиритки е вообичаен пијалак кој се служи разладен, додека две од најмногубројните нации во светот – Индија и Кина – масовно го произведуваат ова млеко. Бидејќи потрошувачите сакаат повеќе алтернативи од растително потекло, можеби е само прашање на време кога ќе се зголеми популарноста на млекото од кикиритки и во Европа. Други земји произведуваат млеко од кикиритки во прав, што не се разликува од путер од кикиритки во прав. Оваа опција има подолг рок на траење, што ја прави погодна за чување во оставата, но тука е тешко да се најде.

Но, добрата вест е што можете да го направите сами. Состојките што се користат за негово правење се лесно достапни, а и подготовката е едноставна. Кога правите млеко од кикиритки, ви препорачуваме да користите несолени кикиритки за да не биде напитокот многу солен, а доколку сакате слатка варијанта, можете да го направите со додавање мед или урми. Ако не сте сигурни дали би пиеле кафе со ова богато млеко, пробајте со него да направите кремаст сос за тестенини. Ако овој пијалак се прави само со вода и кикиритки, вкусот на кикиритките е многу силен.

Рецепт за млеко од кикиритки

Ќе ви требаат:
250 гр сирови излупени кикиритки
2 литри вода

Приготвување:

Потопете ги кикиритките во литар вода најмалку шест часа, но идеално е преку ноќ. Потоа исцедете ги и измијте ги со ладна вода. Вода и измиените кикиритки ставете ги во блендер. Набргу потоа (минута до две) течноста треба да изгледа соединето и мазно. Процедете го млекото, по можност преку газа, за да ги избегнете малите парчиња кикиритки што блендерот не може да ги смеле. И тоа е тоа!

Совет плус: Доколку сакате да го засладите ова млеко, во два литри вода додадете 2 лажици мед или десетина урми кои исто така ќе ги измешате во блендерот, заедно со кикиритките и водата.