Дали знаевте дека постојат сомелиери за мед? Како правилно да пробате мед во пет чекори

Фото: Pexels
188

Сара Виндам Луис е првата Британка која ја носи титулата сомелиер за мед. Еве ги нејзините совети за правилно пробување на медот


Дали знаевте дека постојат сомелиери со мед? Да, звучи чудно бидејќи зборот „сомелиер“ најчесто се поврзува со – вино. Но бидејќи има сомелиери за пиво, вода, саке… зошто да нема и сомелиери за мед, стручњаци кои ја знаат оваа храна до најситен детал и ги знаат сите тајни на нејзиниот вкус, разликите помеѓу различните видови мед и како да се користи кој мед во гастрономијата.
Британката Сара Виндам Луис е обучен сомелиер за мед и одличен експерт за оваа вредна храна. Таа е прва личност во таа професија во Велика Британија и знае сѐ за дегустација на мед, а ги советува рестораните и клиентите како најдобро да го спојат медот со нарезоци и сирења, кој мед во кој коктел оди, во кое јадење да се користи…

Својот занает го научила во Италија – во Болоња

Во Болоња функционира Националниот регистар на експерти за сензорна анализа на мед, каде што Сара ги научила и тајните на својот занает. Исто така, оваа вредна Британка, заедно со нејзиниот сопруг Дејл Гибсон, поранешен банкар, а сега пчелар, ја води семејната компанија Bermondsey Street Bees, во рамките на која ја промовираат приказната за одржливоста и продаваат природен, необработен мед директно од кошниците што ги чуваат во урбаните области како Лондон, но и на село, како и од други независни производители, за што добиваат бројни награди.

Виндам ги открива тајните за правилно вкусување на медот, во 5 чекори:

1. Погледнете го добро медот – Земете тегла мед во рака, насочете го кон светлината и проценете ја неговата боја и интензитет. Определете дали медот е многу светол, светло златен, килибар или со боја на темен костен.

2. Помирисајте го медот – Држете мала тегла или шолја мед помеѓу дланките за медот да ја земе топлината на човечкото тело, односно малку да се загрее. Нежно измешајте го медот со лажица за да се ослободат мирисите. Мирисајте го медот неколку секунди и повторете го тоа неколку пати. Ова се вашите први впечатоци од аромите на медот – имајте на ум дека тие се многу поедноставни од вкусовите што ќе ги почувствувате кога ќе го пробате медот.

3. Намачкајте полна лажица мед на јазикот и непцата, зад забите – Додека го правите ова, задржете го здивот и почекајте 5 секунди додека медот не се растопи на јазикот. Кои се вашите први впечатоци? Потоа вдишете воздух низ устата и носот во исто време. Погледнете како вкусот на медот се менува во вашата уста. Потоа, со затворена уста, вдишете само преку нос и повторно гледајте како се менува вкусот на медот.

4. Проголтајте го медот – Следете ги вкусовите кои се развиваат и внимавајте на текстурата на медот. Дали медот што го пробувате е доминантно соленкаст, сладок или горчлив? Дали има сложеност и слоевитост на вкусови? Која е неговата текстура и густина?

5. Проценете ја издржливоста на вкусот – Проценете колку долго трае вкусот на пробаниот мед? На пример, вкусот на врвниот занаетчиски мед треба да трае неколку минути…