Денес јадете чоколадо без грижа на совест! Го прославуваме Светскиот ден на чоколадото

Фото: Unsplash
2

Чоколадото има богата историја што започнува пред повеќе од 3.000 години. Маите го нарекувале „храна на боговите“ и го користеле во ритуали, додека Ацтеките верувале дека какаото има божествено потекло.

Светскиот ден на чоколадото се слави на 7 јули и е посветен на еден од најомилените десерти во светот. Овој датум е избран затоа што се верува дека чоколадото првпат пристигнало во Европа на 7 јули 1550 година, со што започнало освојувањето на Стариот континент.

Прославата на овој ден на глобално ниво започнала во 2009 година. Се проценува дека дури милијарда луѓе консумираат чоколадо секој ден. Интересно е што тоа е единствената јадлива храна што се топи на температура малку пониска од температурата на човечкото тело.

Потеклото на чоколадото датира од древните мезоамерикански цивилизации во Централна Америка. Се добива од плодовите на какаовото дрво, кои содржат зрна какао – основна суровина за негово производство.

Маите од какаото подготвувале напиток со варење на зрната какао во вода и додавање на ванила, чили и други состојки.

Чоколадото има богата историја што започнува пред повеќе од 3.000 години. Маите го нарекувале „храна на боговите“ и го користеле во ритуали, додека Ацтеките верувале дека какаото има божествено потекло. Тие го нарекувале „xocolatl“ – горчлив напиток од ферментирани какао зрна, вода и зачини. За нив, какаото било повредно и од злато. Во Европа, чоколадото првично било пијалок за аристократијата, а дури во 19 век, со индустриската револуција, започнува масовното производство на цврсто чоколадо, какво што го познаваме денес.

Денешниот процес на производство е значително различен. Зрната какао прво се подложуваат на ферментација за да развијат карактеристичен вкус, потоа се сушат, чистат и печат, а потоа се мелат.

Добиената маса се загрева за да се претвори во чоколаден ликер, на кој се додаваат какао путер, засладувачи, емулгатори и ароми, создавајќи го чоколадото што го знаеме денес.

Денес, чоколадото е повеќе од слатко задоволство – тоа е глобална индустрија вредна над 130 милијарди долари годишно. Најголеми производители на какао се Брегот на Слоновата Коска, Гана и Индонезија, додека најголемите потрошувачи се европските земји, особено Швајцарија, Германија и Белгија.

Според податоци од Euromonitor, просечниот Европеец јаде околу 5–9 килограми чоколадо годишно. Во Македонија, иако потрошувачката е пониска, интересот за квалитетно чоколадо и занаетчиски производи е во пораст.

Иако чоколадото најчесто се поврзува со Швајцарија или Белгија, најголемите производители на сирово какао се земјите од Западна Африка:

Брегот на Слоновата Коска – 2,2 милиони тони годишно (40% од светското производство)

Гана – околу 1,1 милион тони

Индонезија – околу 700.000 тони

Нигерија и Еквадор – по околу 300.000 тони

Овие земји се срцето на глобалната индустрија, но најголем дел од чоколадото се преработува и пакува во Европа и Северна Америка.

Инаку, за да се направи една табла чоколадо од 100 грама, потребни се приближно 400 зрна какао.

Првото цврсто чоколадо било произведено во 1847 година од страна на британската компанија J.S. Fry & Sons.

Чоколадото содржи фенилетиламин, хемикалија што го стимулира чувството на вљубеност.