Денес не правам ништо за ручек, само пиперки во една од милион можни варијанти! За потеклото, ама и за здравствените придобивки на пиперките

Фото: Pixabay
433

Памтам дека секое лето во најтоплите денови, мајка ми, која инаку многу сакаше да готви, велеше: Денес не правам ништо за ручек, ќе испржам пиперки и толку. Или: Денес не правам ништо, само една летна манџа, или ќе наполнам пиперки со сирење, ќе ги испржам и толку!
Пиперки во милион варијанти кои, демек, не беа правење ручек, туку нешто онака, набрзина. А тоа беше и омиленото јадење, баш такво, набрзина, што мириса на пиперки.

Летото е синоним за јадења во кои главна ѕвезда е пиперката. Свежи пиперки за салата, сирови наполнети со сирење, пржени наполнети со сирење, во летна манџа, само пржени пиперки, потоа зачинети со оцет и со лук, пржени со јајца, пиперки за пинџур, везени пиперки, буковка, пиперки во милион варијанти.

А мирисот на пржените и печените пиперки, е нешто што го сакаме најмногу на свет.

Мислам, дури и на овие жештини, кога ќе го почувствувате, не можете да не огладнете.

Памтам дека секое лето мајка ми, која инаку многу сакаше да готви, велеше: Денес не правам ништо за ручек, ќе испржам пиперки и толку.

Или: Денес не правам ништо, ќе направам летна манџа, имаме сирење, лепче и толку.

Или: Денес не правам ништо, ќе наполнам пиперки со сирење, ќе ги испржам и толку!

И така натаму, пиперки во милион варијанти кои, демек, не беа правење ручек, туку нешто онака, набрзина.

А тоа беше и омиленото јадење, баш такво, набрзина, што мириса на пиперки.

Или пак, пинџур. Пинџур со печени црвени пиперки, модри патлиџани и на крајот, свежи црвени домати и лукче.

Колку многу вкуснотии има во овие нашите лета…

Памтам колку беше среќна мајка ми кога ќе се вратеше откај тетка ми која живееше во село Црешево.

„Какви пиперки ми даде тетка ви, гледајте, каварџик, свеж, крцка. Ќе ви испржам утре за ручек, сега земете си, јадете ги свежи, гледајте колку се убави, полни со витамин Ц“, велеше таа, а ние ги јадевме баш така, како моркови.

Ех, ќе си рече некој, муабетов како за кавијар. Ама не се вели залудно за ајварот дека е нашиот кавијар, а тој се прави токму од пиперки.

Тоа е, пиперките се дел од нашиот идентитет, впрочем, ние од минатиот век, сите сме израснале на пиперки, а не на хамбургери.

Потеклото на името и на растението

Ние не сме единствените кои ја сметаат пиперката за дел oд својот идентитет.

На пиперката како клучен дел од националната кујна би можеле да се повикуваат и сите азиски земји, особено Индија и Тајланд, а да не зборуваме за Мексико, Боливија, Бразил.

Но останува фактот дека балканската, индиската, тајландската или мексиканската пиперка имаат одредени општи особини, а тоа е дека е таа растение на сонцето и топлината.

Затоа, не е чудно што остана симбол на Југот, па ние, на онаа позната реченица уште од времето на бивша Југославија, а која се однесуваше на Македонија и гласеше: „Што јужније, то тужније“, можеме да си се надоврземе па да кажеме и: „колку појужно, толку подобри пиперки, па следствено на тоа, и поубав ајвар“.

Инаку, околу пиперката постои јазична конфузија која трае и денес: името на пиперката доаѓа од името на биберот.

Шпанските колонизатори јкои ја донеле во Европа, според некои дури и самиот Колумбо, на ова ново растение кое имало случен вкус му го дале името што го знаеле (бибер), односно лутина.

За да се утврди разликата, во англискиот јазик за пиперки се употребува множината, а за зачинот – еднината (peppers – pepper).

Онаму каде што пиперката успева, не бара посебни услови, а ги има сите особини на најдобра храна за сиромашните. 

Според своите прехранбени квалитети може успешно да го замени месото, а исто така е и одличен додаток за месо, па затоа и полнетите пиперки со месо се едно од најубавите и највкусните јадења. 

Како да одберете пиперки на пазар?

Нема многу зеленчуци што може да се видат во толку различни бои и нијанси како пиперките кои се богати со многу хранливи материи и се исклучително силен чувар на здравјето и борец против многу болести.

Иако во денешно време пиперките се достапни во текот на целата година, летото е нивната вистинска сезона на зреење и токму тогаш тие имаат најдобар вкус и содржат најмногу хранливи материи.

Најздрави и највкусни се оние со светли и живи бои, нивната кожа треба да биде цврста и компактна, а стеблото зелено – ова е знак дека се свежи.

Затоа при купувањето треба да внимавате да не се збрчкани и да немаат меки делови или други оштетувања.

Колку што е можно, изберете пиперки кои не се хемиски третирани за да бидете сигурни дека ќе му ги обезбедите на вашето тело нивните здравствени придобивки.

Пиперките може да се користат свежи, сушени или конзервирани и во која било форма се многу корисни за организмот, а долга е листата на болести на кои делува. Сепак, најдобри и најздрави се свежи, термички необработени.

Здравствени придобивки

Каротеноидите, кои се одговорни за светлите бои на пиперките, му обезбедуваат на телото силна заштита од оксидативно оштетување предизвикано од слободните радикали.

Истражувањата покажаа дека ликопенот и бета-криптоксантинот од пиперките го подобруваат здравјето на срцето и белите дробови, додека лутеинот и зеаксантинот го штитат здравјето на очите.

Тие се одличен извор на витамин Ц, па поради неговата висока концентрација се препорачуваат како задолжителен додаток во исхраната за зајакнување на имунитетот.

Благодарение на изобилството на витамин Ц и бета-каротен, тие можат да обезбедат висококвалитетна заштита од развој на катаракта.

Истражувањата покажаа дека луѓето кои јаделе поголеми количини зеленчук, вклучително и пиперки, имаат значително помал ризик од развој на катаракта.

Овој зеленчук ги штити и очите од макуларна дегенерација, која е главната причина за слепило кај возрасните, поради високата концентрација на каротеноиди лутеин и зеаксантин.

Пиперките се добар извор на витамин Е, на кој му се припишуваат антиканцерогени својства, а се богати и со други хранливи материи корисни за здравјето.

Меѓу најважните се издвојува витаминот К кој игра значајна улога во градењето на коските, витамините Б1 и Б2 се одговорни за производство на енергија, а од минерали имаат најмногу калиум, фосфор и железо.

Пиперките како антидепресив

Состојките на пиперката делуваат на нашето тело како ефикасен антидепресив и штитат од ефектите на стресот, ја ублажуваат несоницата, лошото расположение и летаргијата.

Делуваат и како антисептик, диуретик, ефикасни се во лекувањето на авитаминоза, алергија, анемија, астма, атеросклероза, ангина пекторис, срцев удар, астма, хипертензија, дијабетес, кашлица, импотенција, опаѓање на косата, остеопороза, отежнато мокрење, ревматизам , хемороиди.

Истражувањата покажаа дека пиперката има одредени антиканцерогени својства, а особено се истакнува во превенцијата на рак на хранопроводникот и желудникот, а докажано е дека го намалува ризикот од рак на простата.