Детево навистина има добар нос: Од случајна забелешка на семеен пријател до енолог и мастер дестилер на првиот македонски џин

2.936

Милица Плетварска е енолог, како што се шегува самата, заталкан во дестилерија. Всушност, таа е мастер дестилер на првиот македонски џин и жена која ја работи својата работа со вистинска страст. Освен тоа, мајка е на 15-годишна ќерка и на едногодишно момче, а со сопругот ја делат страста за добар пијалак, па честопати знаат навечер, со пријатели или сами, пред телевизор, да се опуштат со чаша добро вино

Како и повеќето кавадаречки семејства и тие имале лозја, големи отворени бочви за комиње, казан за ракија и визба со буриња за ракија. Нашата соговорничка Милица Плетварска се сеќава на најраното детство како на период кога сите заедно, целото семејство оделе на лозје.

„Ако сакавме да го видиме татко ми за време на берба одевме во Тиквеш каде што тој работеше, а мирисот на ферментација таму помеѓу цистерните, но и дома, во дворот, е најубавиот мирис од моето детство. Варењето на ракија во тие години е нешто без кое не можеше да се замисли двор во Кавадарци, а татко ми беше тој кој со најголемо внимание и посветеност ги уживаше деновите од одмор варејќи ракија“, се потсети на своето детство Милица која токму овие спомени, но и нејзината фасцинираност од семејниот пријател од Бугарија, енологот Иван Петров и неговата забелешка „детево навистина има добар нос“, ја мотивирале да се запише на Универзитетот за храна (УХТ) во Пловдив, Бугарија, на катедрата за пијалаци.

„Му се воодушевував на Иван Петров, инаку, многу драг пријател на татко ми, на неговата способност да мирисне, да вкуси една голтка и да раскаже цела приказна и целиот живот на едно вино, ми изгледаше супер моќно и недостижно.

Една случајна средба, случајна дегустација на вино, случаен коментар „детево навистина има добар нос, зошто не се запише во Пловдив“, беа пресудни за мојата животна определба“, раскажува Милица, чиј помлад брат Лазар ја продолжил семејната традиција и денес е сопственик на дестилеријата Плетварски, препознатлива по своите ракии од грозје, а особено по оние кои кај нас се многу ретки, па затоа и поинтересни, како на пример, од дуњи, кајсии, тревки, вишни, …

„Лазар е помлад од мене и всушност тој требаше да биде енологот, но јас го испреварив“, се смее Милица која додава дека секогаш кога има некоја дилема во својата работа, тој е првиот со кого се консултира и чие, како што вели, конструктивно мислење, за сѐ што работи, многу ѝ значи.

Неа пак, многу ѝ е драга улогата на морален поддржувач на нејзиниот брат и неговата дестилерија со семејното име-Плетварски.

Милица е горда на својата професија, на работата во Бугарија, во Тиквеш, во Сковин и нејзината актуелна, во Смидџин. Имено, Милица е мајстор дестилер на првиот македонски џин – Смидџин.

Таа е одговорна за производот, за рецептурата, за работата на дестилеријата и за одржување на квалитетот.

„Благодарна сум им на сопствениците кои ми ја дадоа довербата за да можам да го искористам моето знаење и креативност во создавањето најпрво на Смидџин, па на виолетовиот Велвет, а до крајот на овој месец ќе излезе и нашиот зачински џин, Ориент. Во меѓувреме, јас работам на нешто специјално, комплетно различно, кое треба да се појави на пазарот кон крајот на оваа пролет“, ни најави по малку мистериозно нашата интересна соговорничка.

Таа е од почетокот во тимот на Смидџин и вели дека заедно поминале многу препреки и задоволства, од закони, правилници, многу дегустации и на крајот, задоволство од успехот да се отвори дестилерија во центарот на градот, да го дефинираат како насока она што сакаат да го произведуваат и гордо да го заземат своето место на пазарот.  

„Моите денови на работа секогаш биле и сѐ уште се учење, истражување и усогласување со правилата на природата, сето тоа во насока да се создаде најдоброто. Оваа професија бара знаење, пожртвуваност, посветеност, дисциплина, организираност, но нуди огромно задоволство, бидејќи резултатот е производ кој ги задоволува сита сетила, храна за душата“, објаснува со страст Милица.

Својата професија ја дели и со сопругот кој е во истата бранша, но како што вели таа, во секторот уживање.

„Во моментот сопругот е менаџер на вински ресторан, сомелиер и голем љубител на добро вино. Се знаеме многу долго, се дружевме уште во средношколските денови, а причината поради која дојдовме да живееме во Скопје, покрај работата, е и тоа што овој град нуди и повеќе можности за активности и развој на децата“, вели таа.

А Милица, верувале или не, има со сопругот една 15-годишна ќерка и едногодишно синче.

„Имаме една девојка од 15 години која е средношколка, амбициозна, паметна и трудољубива и еден дечко од една година кое е весело, динамично и многу љубопитно дете. Главно обврските по дома се мои, но секој помага колку може и кога може“, вели Милица.

Таа е горда на своето семејство, но и на оној период по завршувањето со испитите, кога пред да дипломира имала огромна среќа да биде дел од еден од најдобрите тимови во оваа струка.

„Имав среќа да бидам дел од тимот на Вини Сливен во Бугарија, еден од најдобрите тимови во тоа време Маринови и Чулин. Под директно раководство на Мери Маринова, одличен професионалец, организатор, посветеност кон работата, секое време поминато со неа беше многу поучно. Горда сум и на работата во Тиквеш, во Сковин и овде, во Смидџин каде што се чувствувам најмногу исполнето. Џинот како пијалак е приказна без крај, возбудлива авантура. Сѐ што се наоѓа околу нас, бои, ароми, вкусови, можат да се претопат во овој пијалак и тоа во најразлични комбинации, вистинска игра без граници“, ни објаснува жената која е очигледно вљубена во својата работа, а има среќа својата љубов да ја дели и со својот брат и со сопругот.

„Ние сме љубители на добар пијалак, но виното е на прво место. Кај нас се пие вино секојдневно, за ручек, за вечера, со пријатели, пред телевизор. При изборот на вино заедно одлучуваме, сакаме да истражуваме различни сорти, стилови на производство, региони“, вели Милица.

Ако ја прашате пак дали има објаснување зошто многу луѓе ги боли главата од вино, возвраќа со шега: „Да, боли глава, но само ако сте го пиеле во лошо друштво“, но веднаш потоа, сериозно го споделува и советот дека кога се пие алкохол, потребно е да се консумира и доволно вода.

Вели дека иако светот на алкохолните пијалаци е повеќе машка професија, „факт е дека во оваа машка професија, жените и тоа како добро се снаоѓаат“.