Доаѓа Винодонија 2023: Годишна изложба на друштвото на вински уметници на Македонија

284

Винодонија е навистина она што се уметничките изложби за уметниците, место каде што винарите ќе ги донесат и покажат своите најдобри вина и нетрпеливо ќе ги очекуваат реакциите додека се пробува првата капка од нивната нова етикета, или од некоја веќе позната која сега одлежала една година плус во дабово буре. Годинешниот вински салон Винодонија 2023 ќе се одржи на 8-ми и 9-ти декември во хотел Мериот, од 15 до 21 часот.

Голем број градови и општини ширум Maкедонија ги тресе винската треска, но сѐ уште има такви на кои им е најважно само да има што да се пие, без оглед на тоа – што се пие.
Скопскиот вински салон Винодонија е тука, годинава во своето седмо издание, токму за да ја смени таквата перцепција.
Винодонија ѝ дава печат на валидноста на изјавата дека овој салон навистина е она што се уметничките изложби за уметниците, место каде што винарите ќе ги донесат и покажат своите најдобри вина и нетрпеливо ќе ги очекуваат реакциите додека се пробува првата капка од нивната нова етикета, или од некоја веќе позната која сега одлежала една година плус во дабово буре. Од вашиот поглед и реакцијата, ќе зависи и ширината на нивната насмевка и мотивот да понудат за дегустација уште нешто на што се особено горди.
И оваа Винодонија ќе биде уште една можност да видите, да пробате и да уживате во вината на нашите домашни, но и странски винарии. Според Дејан Донев, еден од организаторите на салонот, тоа ќе бидат над 80 винарии со над 600 етикети, она што е новина годинава е тоа што за вината од Србија, од Црна Гора и, евентуално, од Албанија, домаќините ќе обезбедат штандови за групно претставување на нивните локални вина.


Како податок, Дејан ја кажа и најновата бројка на регистрирани мали семејни винарии во Македонија, која изнесува вкупно 305, а од нив на Винодонија ќе земат учество околу 60.
„На Винодонија гледаме да не бидеме презентација на која било винарија туку да се направи и селекција и посетителите да можат да пробаат навистина добри вина“, најави Донев.
Покрај презентацискиот салонски дел, најавени се и 4 стручни работилници и дегустации и две презентации на винарии.


Годинава, продолжуваат работилниците под називот „Запознај ја винска …таа и таа држава“, на кои, откако во изминатите години не запознаа со винска Србија, винска Црна Гора, винска Хрватска, винска Албанија и винска Романија, ќе не запознаат и со винска Јужна Африка.
Низ оваа атрактивна работилница на која ќе можат да се пробаат шест вински етикети од оваа земја, ќе не води експерт во чиј потесен интерес се токму овие вина познати и како вина од нов свет.
Освен оваа, ќе има можност да се присуствува и на работилницата позната како „Во светот на винските меурчиња“ со Александар Вучковски, а интересен ќе биде и мастер-класот за кратошијата на кој ќе може да се слушне стручно предавање за кратошијата од професор Душко Неделковски, како и да се дегустираат вината-кратошија од сите македонски винарии кои ја произведуваат.
Сѐ на сѐ, ќе биде ова уште една годишна изложба на ДЛУМ, пардон, на ДВУМ и на она што е старо и добро и ново и добро на винската сцена.
Од формална гледна точка, самото постоење на салон е неопходно, но не и доволно. За да биде сè толку убаво и хармонично, неопходно е да се има суштина, а таа суштина е содржината на салонот. Според најавите, може да се смета дека содржината ќе биде со неспорен квалитет, бидејќи се најавуваат голем број реномирани излагачи и раскошна придружна програма, од одбрана храна, до одбрана музика и сето тоа заедно одлично спакувано во уште едно издание на скопската Винодонија.
А мора да се признае дека голем број „мали“ винарии брзо се позиционираа на пазарот, токму преку настани како што е Винодонија.
Мораш некако да го кажеш зборот за себе, за да започнеш навистина да постоиш. А за ова, добро е да се биде меѓу публиката, но и меѓу колегите, да се ​​направи нешто и да се направи уште многу подобро.
А задачата на секој настан од вакво ниво и реноме е да го направи „малиот“ поголем, а „големиот“ уште поголем.
Ако се земе предвид дека работилниците се ограничени, останува фактот дека за повеќето посетители клучни ќе бидат изложбените маси и она што ќе се најде на нив. Некои винарии се подготвуваат многу сериозно и темелно за средба „лице в лице“ со сѐ попребирливата винска публика.


Како и секоја година, во рамките на Винодонија ќе има и гастро катче каде ќе може да се замези со производите на некои поголеми компании, инаку редовни поддржувачи на винскиот салон, како Пекабеско, Рудине, Ботега дел густо и други, но и на оние помалите производители од Слоу фуд, како Туф.мк, Моја бавча, Нутрико, Гаврилоски, Перески, Стојчевски, Ангелески…
Винскиот салон Винодонија 2023 ќе се одржи на 8-ми и 9-ти декември (петок и сабота) во хотел Мериот Скопје, од 15 до 21 часот.