Добредојдовте дома! Со кириличен натпис среде јужен Лондон, Спасиа Динковски отвори локал со македонски печат и шарм

1.740

Спасиа Динковски, алијас Мистик Бурек, девојката која со своите буреци и пити подигнати на едно повисоко ниво, го освои Лондон за време на пандемијата со Ковид-19, го оствари својот сон. Конечно, со свој локал во градот на Секс Пистолс и Биг Бен, ни помалку ни повеќе туку со кириличен натпис и македонско добредојде

Деновиве, во Лондон, поточно во Саут Ист Лондон, се случи одлична журка, отворање на локал кој на својот излог има кириличен натпис и македонско добредојде. Всушност, натписот гласи: Добро дојдовте ДОМА! Но, сеедно, се чувствува патриотизмот на Спасиа Динковски алијас Мистик Бурек, девојката која со своите буреци и пити подигнати на едно повисоко ниво, го освои Лондон за време на пандемијата со Ковид-19 и конечно, после три години откако го започна својот бизнис разнесувајќи буреци и пити во своето розево куферче на тркалца низ Лондон, а потоа и готвејќи на поп-ап локации низ градот, го оствари својот сон.

Спасиа, меѓу пријателите позната како Паси, а во цел Лондон како Мистик Бурек, олицетворение на вкусна и обилна храна, го отвори својот прв локал во градот на Секс Пистолс и Биг Бен, ни помалку ни повеќе туку со излог испишан со кириличен натпис и македонско добредојде и го размрда цело маало, па луѓето од сите локални бизниси во близина (Турци, Албанци, Иранци и Кинези), побрзале да ѝ посакаат добредојде и неа, во нејзиниот нов дом во Југоисточен Лондон, каде што таа ќе служи традиционална храна со потпис: втора генерација на балканска кујна.

Отворањето на 14.септември, кое таа го нарекува генерална проба за главниот настан на 21.септември, кога ќе се случи и официјалното отворање на локалот, Спасиа го нарекла Френдс анд фемили, а станува збор за луѓе на кои на овој начин, сакала да им се заблагодари за нивната поддршка во изминатите години и да ја сподели со нив својата среќа.

„Отворањето беше премногу емотивно за сите нас бидејќи тука, освен ние, нејзините родители, беа сите оние драги луѓе кои на некој начин ѝ помогнале во изминатиот период, како наши, Македонци, така и Англичани и други убави и добри луѓе. Паси сакаше тие први да видат што направила и да ја сподели среќата со најблиските. Таа, таква каква што е, насмеана, шармантна и полна со енергија и свежи идеи, ги размрда сите локални бизниси во околината и на сите им дојде како едно ново свежо ветре кое ќе донесе многу нови луѓе за сите нив таму. А се разбира, никој не можеше да одолее ниту на буреците на Спасиа кои се служеа гратис, како и на гурабиите по рецептот на нејзината баба, но и на вкусот на македонските и балкански брендови од типот на газоза, кисела вода, смоки, ајран, кокта, вино…“, раскажува нејзината мајка Светлана Динковски, стара скопјанка која живее во Лондон речиси 40 години, но на својата ќерка Спасиа, инаку, родена во Англија, ѝ ја пренесла љубовта кон Македонија, а особено кон македонската традиционална храна.

А таму, во новиот локал на Спасиа, веќе преку фотографиите се насетува таа љубов кон корените и претците, толку важни за неа и за она што е таа денес.