Долгогодишна новинарка, новопечена градинарка: Прави мармалад од коприви, сок од смоквини лисја,…

1.886

Прво произведуваме за нас, а потоа правиме производи за продажба. Сите мои рецепти се стари рецепти што во детството сум ги јадела во Струга и во Охрид, освен оној за мармаладот од коприви кој е мој изум, вели Бети Мемиќ, веројатно единствената производителка на мармалад од коприви кај нас и во светот која својата работилница за домашни производи ја нарекла едноставно-Слатковница.

Бети Мемиќ е новинарка во културната рубрика на МТВ веќе долги години, но од неодамна нејзиниот живот, паралелно со редовниот ангажман на работното место, е до даска исполнет со нешто сосема друго и сосема поинакво од сѐ што работела досега.

Ја сретнавме на настанот кој го организираше Слоу фуд Водно во „Јавна соба“, имено, на веќе традиционалниот фестивал на биодиверзитетот, кадешто таа имаше штанд со домашни производи.

Од оние веќе видени, односно, добро познати во нашата гастрономска традиција, како што е на пример, слаткото од зелени смокви и сирупот од бозел, до некои многу поневообичаени како што е сируп на растварање од листови од смоква, слатко од зелени домати, па сѐ до најуникатниот и веројатно единствен таков производ на светот – мармалад од коприви.

Да, да, баш од коприви.

Бети вели дека изборот не е случаен со оглед на тоа што нејзиното село, како што сега си го вика селото во кое патот ја одвел сосема случајно и во кое недолго потоа, купила и имот, има едно чудо коприви и едно чудо смокви.

„Едно неочекувано патување до селото Скачинци беше причина за сѐ.

Станува збор за напуштено село до кое се стасува преку уште едно исто такво напуштено село, а тоа е тоа кое сега си го викам мое, селото Грнчиште.

На ова патување, видовме една мала смоква која ни се насмеа, а потоа дознавме и дека во селото има уште многу, многу смокви, но оваа беше пресудна затоа што токму од неа го направив моето прво слатко од зелени смокви.

И да не ви раскажувам дека рецептот го најдов на Јутјуб, а претходно знаев само дека се вари во 9 води и дека единственото нешто што го имав направено во мојот живот дотогаш беше еден неуспешен мармалад“, се смее Бети.

Но слаткото од зелени смокви не само што било успешно туку ја вовлекло Бети во еден вртлог од кој ниту може, ниту сака да излезе. Почнала нејзината приказна за правење домашни производи и нејзината – Слатковница, најслаткото од Македонија.

„Се потсетив дека во детството, во струшко и охридско, кога сум одела на гости, сум јадела и слатко и сируп од диви трендафили, па направив и тоа, а потоа направив и мармалад од шипки.

Потоа најдовме и по многу пристапна цена купивме мал имот во селото Грнчиште и таму почна и мојата градинарска приказна“, раскажува таа.

Селото е на еден час од возење од Скопје и вели дека е таму секој викенд, но поради близината може да си дозволи да оди и преку недела.

„Тогаш почнав да барам начин како направам градина, но бидејќи цела оваа случајност ми е некако подарена од некоја виша сила, наеднаш друга виша сила ми ја отвори страницата „Траг биљке“ – прирачник за креирање независно домаќинство.

Таму се запознав со Билјана Пановиќ и со перма културата.

Таа е жена која се занимава со таканареченото био мотивациско градинарство и преку неа и јас влегов во тој комплетно непознат свет за мене, во природата која великодушно ме прими и секогаш ми приредуваше замки, или подобро кажано, ми поставуваше мамки.

А мамките се во тоа што секое годишно време носи нешто ново што постојано те намамува да продолжиш понатаму со тоа што го правиш. Постојано се појавува некој нов цвет, некој нов плод, нов лист и постојано те тркала.

Едноставно, не можеш да ѝ одолееш на природата, туку само навлегуваш сѐ подлабоко во тој прекрасен вртлог и се навлекуваш сѐ повеќе и повеќе. Ќе поминат смоквите, па тука е листот од смоква кој го има и во зима и во лето, по цветот од див трендафил, доаѓа шипинката, па правиш мармалад, па ќе помине цветот од бозел, па доаѓа плодот и повторно имаш материјал за да направиш мармалади, лековити напитоци, сирупи, буквално влегуваш во океан кој нема крај, а ти учиш да пливаш во моментот“, зборува Бети за своето новостекнато градинарско искуство и искуство на мал производител на домашни, здрави производи.

Инаку, мармаладот од коприва по кој е веќе препознатлива, е нејзин изум.

„Моето село има многу коприва, а во мојата бавча бидејќи е перма био бавча, нашите растенија не ги третираме како плевел. Освен тоа, таму кадешто има коприва, значи дека е добра земјата.

Па така максимално ја користам копривата и правам сѐ од неа. И сок и тинктура, а еве и мармалад и сум веројатно единствената која го прави тоа.

Го знам тоа затоа што барајќи како да направам првично слатко од коприви, не можев никаде да најдам таков рецепт, па го направив сама и ѝ го посветив на ќерка ми Мирна за нејзиниот 18-ти роденден.

Но бидејќи правењето слатко од коприви е поспецифично, а јас поради работата во градината немам толку време, почнав да го правам само мармаладот“, признава новопечената градинарка.

За својата бавча зборува речиси со истата љубов со која зборува и за својата ќерка која е веднаш до неа и ѝ помага во продажбата.

Сега 21-годишната Мирна студира логопедија, па нема многу време за овој ангажман, но кога може, помага.

Затоа пак Бети е целосно посветена на својата бавча.

„Мојата бавча е мојот живот, односно, ново поглавје во животот и нов свет, во кој се чувствуваш вреден зашто можеш да придонесеш за своето семејство, затоа што сѐ што си направил е твое и со него се храни здраво целото семејство.

Сѐ уште учам за градинарството, но ова градинарство кое го практикувам е мотивациско, дури и да се роди само едно лукче, тоа те остварува како градинар и среќен си кога ќе го скинеш, исто како и ако имаш само еден домат, тој е твој.

Ова е приказна која нема крај“, вели Бети и додава дека во сето ова сепак најголема поддршка има од својот партнер Трајче, без кој, признава, не би можела да ја почне целата приказна.

„Иако имам многу работа, толку многу уживам во неа, што мојата среќа е заразна“, вели и ни ги покажува еден по еден сите свои производи со етикети на кој своерачно напишала: Бозел, коприви, итн.

„Сакам купувачот да знае дека секоја тегла, секое шише, секој производ е фатен со мојата рака, сакам да види дека сум со него од почеток до крајот“, вели таа.