Дудинките прават чуда за здравјето, ама нас ни е тешко да се наведнеме и да ги собереме

Фото: Pexels
656

Дудинките во светот се сметаат за еден од најдобрите природни лекови. А јас секој ден кога одам накај работа, поминувам со велосипедот гмечејќи ги со тркалата попаѓаните плодови од дудинката пред една висококатница во Тафталиџе 1.

Во кинеската медицина, дудинката се смета за природен тоник за крвта, бидејќи го чисти и зајакнува целиот кардиоваскуларен систем.

Никогаш не сум видела некој да продава дудинки кај нас. И никогаш не сум направила ништо со дудинки. Освен што секојдневно со точакот поминувам преку испопаѓаните дудинки пред зградата покрај која се возам секој ден. И секогаш се прашувам зошто никој не ги собира!

Инаку, кога ќе се спомне дудинка, секогаш ми текнува на раскажувањето на мајка ми за дудинката во дворот од куќата во која таа растела, над Кале, кај француски гробишта. Нејзините спомени за дудинката не беа баш убави со оглед на тоа што нејзиниот строг чичко со кој го делеле дворот, ги врзувал своите синови за неа кога ќе му „стапнеле на жуљот“.

Можеби затоа и никогаш ни немаше направено ништо со дудинки. А кога читам колку е дудинката богата со антиоксиданти, хранливи материи и витамини и колку е ценета во целиот свет како суперхрана и како еден од најдобрите природни лекови, ми станува уште повеќе жал што така немилосрдно само си поминуваме преку паднатите плодови. И си ветувам, ако сѐ уште има, на враќање накај дома, ќе ги собирам од тревникот. Инаку, освен бели дудинки како овие преку кои поминувам деновиве, има и црни и црвени и сите се лековити. Може да се користат и кората и лисјата, како и свежите (или сушени) плодови.

Покрај тоа што целото растение е богато со антиоксиданти, содржи и алкалоиди благодарение на кои нашиот имунитет се зајакнува, го балансира шеќерот во крвта, а сувото овошје се смета за една од најздравите природни „грицки“.

За да го подобрите видот, најдобро би било да пиете барем една чаша сок од дудинка дневно, бидејќи содржат витамин А. Ова особено им се препорачува на луѓето кои поминуваат многу време на компјутер.

Овој сок е многу корисен и за опоравување по операција или болест, бидејќи го забрзува заздравувањето, ја подобрува циркулацијата и спречува инфекции. Се препорачува и за мајки по породувањето.
Интересно е што дудинката го стимулира производството на меланин во косата, што помага да се одржи и освежи вашата природна боја. Можете да го нанесете директно на вашата коса (само чист сок) за да го подобрите коренот на косата и да го поттикнете растот.

Чајот за кардиоваскуларниот систем се прави такашто се берат и се сушат лиснатите пупки од дудинката и од нив се прави напиток, кој е добар и за слабеење.

Мелената кора од дудинка претворена во прав служи како лек за побрзо зараснување на раните.

За дијабетичари се препорачува чај направен од листови на црна дудинка. Потребно е 50 грама од овие листови да се прелеат со половина литар врела вода и да се остави покриено 10 часа да отстои со повремено мешање. Напитокот потоа се цеди и се пие во текот на денот.

Освен тоа, џемот од дудинка е феноменален и здрав деликатес за појадок.