Еве како беспрекорно да ги стерилизирате теглите за зимница

Фото: Pexels/Pixabay
195

Чистотата на теглите и шишињата е клучен услов за зачувување на квалитетот и вкусот на зимницата

Добро знаеме колку е тешко да се направи зимница, а особено ајвар, па освен што е греота да се расипе поради намирниците, греота е и поради целиот труд вложен за да се подготви.

Беспрекорната чистота на теглите и шишињата е клучен услов за зачувување на квалитетот и вкусот на зимницата која може да се расипе и поради трошка нечистотија во амбалажата.

Покрај тоа, го ризикувате и вашето здравје и здравјето на вашето семејство ако јадете храна која не е целосно безбедна.

Различни луѓе користат различни методи за стерилизирање на тегли за зимница. Постои опција теглите по темелното миење да се потопуваат во врела вода за да се убијат бактериите, при што треба да се биде максимално внимателен.

Прво, теглите, особено ако се направени од потенко стакло, може да пукнат кога ќе дојдат во контакт со врела вода. Второ, додека теглите се ставаат во водата, таа прска во сите правци, така што постои оправдан ризик да добиете сериозни изгореници на вашите раце.

Наместо тоа, подобро и побезбедно е да користите едноставен трик што го користеле нашите баби. Тие ги стерилизирале теглите на многу едноставен начин, а нивната зимница никогаш не се расипувала без разлика колку долго била во оставата.

За да постигнете ефект на стерилизација, прво мора добро да ги измиете теглите со детергент за миење садови. Отстранете ги сите видливи знаци на нечистотија. За перење шишиња има специјални четки кои имаат долга рачка и можат да стигнат до најоддалечените делови на дното на самото шише.

Откако убаво ќе ги измиете и уште подобро ќе ги исплакнете, оставете ги на свеж воздух добро да се исцедат и да се исушат. Пред да ја спакувате зимницата, вклучете ја рерната на 50 до 100 степени и ставете ги внатре чистите и суви тегли.

Оставете ги во рерна 15 до 20 минути за да се стерилизираат. Потоа, со помош на ракавици, извадете ги од рерната и во врелите тегли ставајте врел ајвар или џем, сос од домат или друг овошен сок. Веднаш затворете ги теглите и чувајте ги во кутија во која сте ставиле ќебе.

Кога ќе завршите, завиткајте ги теглите во ќебето да се изладат постепено во следните 24 часа. После тоа можете да ги префрлите во оставата, а откако ќе ја отворите теглата, секако, чувајте ја во фрижидер.