Фенг шуи за фрижидерот: Заштедете со едноставен трик со кој ќе фрлате помалку храна

Фото: Pexels
248

За да ја намалите количината на фрлена храна, употребете техника на фенг шуи за подобро да го организирате вашиот фрижидер

Модерните фрижидери се дизајнирани така што на самото дно имаат фиока за овошје и зеленчук, а долните полици ги одржуваат поладни, поради што на нив ја ставаме полесно расипливата храна. Научниците сега тврдат дека е голема грешка во дизајнот поради кој се фрлаат огромни количини храна.

„Фрижидерот не е дизајниран во согласност со човековото однесување. Нашиот ум има ограничен капацитет, што значи дека функционира на таков начин што не го согледува она што често не го гледа. Значи, ако не видам нешто, ќе го заборавам, а тоа води до фрлање храна“, истакнува научникот од Универзитетот British Columbia, Џиајинг Жао.

Тој носи и практично решение: употреба на фенг шуи техники за сортирање на храната во фрижидерот.

Како што објаснил во TED Talk оваа година, ова значи пренасочување на вашето внимание со тоа што ќе ја распоредите храната така што најчувствителните намирници да бидат највидливи. „Можеби изгледа како мала работа“, вели тој, „но научните докази за однесувањето покажуваат дека некои од најмалите промени имаат најголемо влијание“.

Соединетите држави фрлаат околу една третина од храната што ја произведуваат, според ReFED, непрофитна организација фокусирана на намалување на отпадот од храна. Како што растат цените на намирниците, отпадот од храна станува сѐ поголем финансиски товар за американските домаќинства.

Но, тоа е исто така голем товар за животната средина: отпадот од храна придонесува за 8% од глобалните емисии на стакленички гасови, според американската Агенција за заштита на животната средина, што го прави повеќе од двапати поштетен за климата од авионската индустрија.

Техника на Фенг шуи
Жао предлага да се сврти стандардниот систем за организација на фрижидерот: ставете ги полесно расипливите производи на вратата, а оние со подолг рок како кечап, мајонез и сенф, ставете ги во фиоките.

„Секогаш кога ќе го отворам фрижидерот, гледам овошје, зеленчук и расиплива храна и ги трошам пред да се расипат. Тоа е добар визуелен потсетник: Треба да ги јадам тие моркови или треба да ја јадам таа салата“, истакнува тој.

Плус и минус за новата техника
Откако Жао почнал да „проповеда“ фенг шуи за фрижидерот, вели дека наидува на отпор од луѓе кои се грижат дека нивниот зелен зеленчук побрзо ќе овене на вратата, подалеку од ладните, заштитни фиоки за свежина.

Но, тој тврди дека тоа е компромис помеѓу продолжување на рокот на траење на расипливата храна и зголемувањето на можноста да се сетите да ја јадете.

„Малку ќе овене (на вратата), но подобро е отколку да скапува“. Ако ги оставите во фиока, веројатно нема да ги видите додека не изгнијат“, тврди тој.

Тој вели дека почнал да ги чува своите зелени зеленчуци во затворени садови кои ќе ги чуваат исто толку свежи – и ќе ги поштедат од зреење етиленски гасови – како што би правела фиоката за чување на свежината.

Својот фрижидер го организирал на тој начин што најстарите намирници ги чува највидливи, наместо да ги остави постепено да завршат заборавени и расипани во задните агли на полиците. Наместо тоа, најновата храна оди директно на задната страна и полека се движи напред за да се консумира.

Посебно е важно да се истакне сировото месо, овошјето и зеленчукот и расипливите млечни производи, бидејќи во многу случаи тие можат да издржат само неколку дена во фрижидер. Издржливите предмети како пијалаци и зачини можат да останат на периферијата малку подолго, бидејќи имаат подолг рок на траење.

Жао истакнува дека на овој начин не само што ќе фрлате помалку храна, туку и ќе избегнете да најдете мувлосана и расипана храна во аглите на фрижидерот или на дното на полиците, кои потоа ќе морате да ги чистите долго време.